октомври 29, 2020

Кичевскиот манастир Пресвета Богородица-Пречиста го слави својот патрон

Манастирот Пресвета Богородица-Пречиста Кичевска денес го слави својот патрон Рождество на мајката божја, или кај народот попознат како Мала Богородица.

По тој повод во манастирот е организирана програма со запазување на сите мерки пропишани за здравствена заштита и превенција од коронавирусот, поточно задолжително носење на заштитини маски, користење на средства за дезинфекција и почитување на потребното социјално растојание.

– По повод патрониот празник на манастирот Пресвета Богородица-Пречиста синоќа од 19 часот, наспроти денот на Рождеството на мајката божја, беше отслужена вечерна богослужба. По вечерната богослужба се отслужи Акатист на Пресвета Богородица. Денес утрената богослужба беше отслужена со почеток во 7.30 часот, а со Светата Архиерејска литургија, која започна во 9.30 часот, чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-Кичевски г-дин Тимотеј, во сослужение со Епископот Антаниски г-дин Партениј и свештенослужители од Бигорскиот манастир и Кичевското архиерејско намесништво. Оваа година поради пандемијата со ковид-19, јавното служење на манастирски ручек е откажано – информираа од старешинството .

За овој ден традиционално манастирот Пресвета Богородица-Пречиста е посетен од голем број верници од сите градови од земјава, кои при посетата палат свеќи и се молат за здравје, го даруваат манастирот со разни подароци, а не мал верници манастирот го даруваат и со жив добиток.

Од старешинството на манастирот уште еднаш ги замолуваат сите поклоници кои ќе го посетат манастирот, да се придржуваат до сите мерки за заштита од коронавирусот .

Инаку, секоја година на овој празник се избира кум на манастирот, кој на храмот ќе му служи во наредните 12 месеци. Низ годините и вековите, бурна историја е поврзана за овој преубав верски храм, манастир со најголема црква во земјава.

Извор: Нова Македонија

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •