Излезни анкети: Италијанската десница води на регионалните избори

Италијанскиот блок на десницата победи на локалните избори во најмалку три од седумте гласачки региони, но не изгледа веројатно лидерот на Лигата, Матео Салвини, да стави крај на полувековното владеењето на левиот центар во Тоскана, покажаа денес излезните анкети.
Доколку биде потврден, ваквиот резултат ќе и донесе одредено олеснување на коалицијата на владејачката Демократска партија, која веројатно ќе ги загуби изборите, но најмногу стравуваше од пораз во богатата Тоскана.
Италијанците сакаат помалку пратеници
На националниот референдум одржан паралелно со локалните избори, Италијанците гласаа за намалување на бројот на пратеници во горниот и долниот дом на парламентот на 600 од 945, објави РАИ. Според излезните анкети, мерката ја поддржаа 60 до 64 проценти од гласачите. Таквиот резултат ќе биде придобивка за Движењето Пет Sвезди, членка на владејачката коалиција која се залагаше за реформа, тврдејќи дека тоа ќе ги намали трошоците и ќе ја подобри ефикасноста на парламентот. Резултатите од излезните анкети одекнаа позитивно и на финансиските пазари бидејќи инвеститорите очигледно се надеваат дека тоа ќе придонесе за политичка стабилност во време кога владата се соочува со длабока рецесија предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
На југот на Италија се одвива голема борба
Кога станува збор за избори, десницата, вклучително и Лигата, ја задржа контролата и врз Венето и Лигурија, додека Демократската партија треба да ја задржи Кампања, според излезните анкети. Во Апулија, на петата од италијанската чизма, трката помеѓу десницата и Демократската партија е преблиску за да се знае победникот, додека во Тоскана кандидатот на демократите води со 43,5 до 47,5 проценти од гласовите пред кандидатот за Лига, кој треба да добие помеѓу 40 и 42 проценти од гласовите. Во регионот Вале Д’Аоста, води Лигата, покажуваат анкетите.