октомври 24, 2020

Османи и ги кажал црвените линии на Захариева

Без да прецизира кога комуницирал со колешката Захариева, министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека и ги кажал македонските „црвени линии“, а за меморандумот на Бугарија до земјите членки на Унијата искоментира дека отстапува од рамките на Договорот за добрососедство.

Двајцата министри за надворешни, се договориле да се засили комуникацијата помеѓу двете земји и тоа на највисоко ниво.

За историските прашања Османи вели дека очекува и искрена соработка со опозицијата, но во однос на нивното барање Македонија да изготви контра резолуција како одговор на бугарските барања, потенцира дека нема да дозволи ова прашање да се претвори во политичко шоу.

Претходно на прес-конференција, Османи изјави дека цврсто ќе ги брани националните и државните интереси.

„Имаме стратегија, знаеме што правиме. Ги имаме црвените линии на бранење на нашите национални и државни интереси и цврсто стојам на бранење на тие интереси. Бидете убедени како паметно сме стигнале до одлука за почеток на преговорите така и ќе ги почнеме преговорите“, изјави Османи.

Според него, прашањето на историските фигури е затоа што тие не можат да се изјаснат и затоа треба да седнат историчари и научници кои треба да најдат историски документи за нивните идентитетски атрибути.

„За прашањето на јазикот и други идентитетски карактеристики, тоа е современо право на самоопределување кое не го спори никој“, кажа министерот за надворешни работи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •