октомври 26, 2020

Нови демонстрации во Белорусија , полицијата ја уапси и 73-годишната Нина Багинска

Белоруската полиција приведе стотици претежно жени демонстрантки во Минск. Активистката Нина Багинска (73) стана икона на протестното движење откако и се спротивстави на вооружената полиција минатиот месец.

Белоруската полиција во саботата приведе стотици демонстранти против претседателот Александар Лукашенко, а Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе го разгледа можното учество на опозициската политичарка Светлана Тихановскаја на министерскиот состанок на ЕУ, за мешање во внатрешните работи, пренесоа агенциите.

На претседателските избори одржани на 9 август, Тихановскаја беше противник на претседателот Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија 26 години. Според официјалните резултати, Лукашенко победи на изборите убедливо, но по изборите во Белорусија избија масовни демонстрации поради, како што тврди опозицијата, манипулација со резултатите од гласањето. Белоруското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги информирало европските дипломати за својата позиција, објави новинската агенција „Белта“.

Руската државна новинска агенција претходно објави дека Тихановскаја се очекува да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ следната недела.

„Само кукавиците тепаат жени“

Белоруската полиција приведе стотици претежно жени демонстранти во Минск, каде околу 2.000 лица побараа оставка од Лукашенко. Демонстрантите накратко се судрија со полицијата, која потоа им го попречи патот и започна да извлекува луѓе од толпата еден по еден, рече еден сведок. На една локација, десетици жени беа опколени од безбедносните сили во зелени униформи пред трговскиот центар и извикуваа „Само кукавиците тепаат жени!“ Според агенциите, меѓу приведените е и 73-годишната активистка Нина Багинска, која стана икона на протестното движење откако минатиот месец и се спротивстави на вооружената полиција. Поради насилниот одговор на Лукашенко на мирните протести, Европската унија разгледува нови санкции против владата на Лукашенко. Европската унија ги прогласи изборите во Белорусија „ниту слободни ниту фер“ и го осуди насилството врз демонстрантите, кое го нарече „непропорционално и неприфатливо“.

Лукашенко одговори на ваквите проценки велејќи дека протестите се заговор на западните сили и неодамна обезбеди 1,5 милијарди евра помош од неговиот сојузник Русија. Во Белорусија, од спорните избори, се одржуваат протести секој ден. Минатиот викенд, најмалку 100.000 луѓе излегоа на улиците на главниот град Минск. Тихановскаја тврди дека таа е победник на изборите и избега во соседна Литванија неколку дена по гласањето, плашејќи се за нејзината безбедност во време на насилно задушување на отпорот на улиците. Таа вели дека протестите мора да останат мирни.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •