Министерството за економија во септември започна да ги исплаќа ваучерите за домашен туризам искористени во јули

Министерството за економија започна со исплата на ваучерите на туристичките капацитети кои од јули започнаа со сместување на граѓаните-добитници на оваа економска мерка за справување со економските последици предизвикани од пандемијата.
Првите средства се исплаќаат во последните петнаесетина дена, а засега според она што може да се види од извршените трансакции, туристите кои добија ваучери, на почетокот најмногу летувале во Инекс Дрим, хотелот во Струга, на кого му се исплатени 50.000 евра до 10 септември.
Следуваат хотелот Манастир во Берово со 450.000 денари, Полин во Стар Дојран до сега добил 438.000, на ХСХ ГРУП ДОО Скопје кој стопанисува до Хотел La Terrazza во Дојран му се префрлени 408.000, Хотел Уникат Охрид првично наплатил 372.000, а Фибула за Изгрев Струга добил 342.000 денари засега.
До Министерството за економија до сега пристигнале околу 7.000 фактури, но од таму велат дека исплатата доцнела поради предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули.
„Исплатата на Фактурата за искористени ваучери оди согласно планираната динамика и истите веке се исплатени за месец Јули. Досега се искористени нешто над 30.000 ваучери за поддршка на домашниот туризам.
Фактурите кои не се комплетни или немаат целосна документација останале неисплатени до моментот на комплетирање од страна на странките, за што истите се известени.
Досега во Министерство за економија се пристигнати близу 7.000 фактури од кои повеке од 70% се процесирани со Решение за исплата, 30% се во фаза на проверка и истите тековно се работа од страна на Комисијата и Секторот.
Што се однесува на прашањето за доцнење на исплатата , тоа беше во текот на јули месец кога имавеме формирање на Влада и именување на Министри и истото траеше до Моментот на добивање на Овластување од страна на Министерот, во моментот од страна на Министерството за економија исплатата на Фактурите се одвива согласно динамиката“, гласи објаснувањето од Министерството за економија.
Не само хотелите, туку и сите што поседуваат вили, апартмани, како и станоиздавачите може да работат со ваучерите за туризам. Но, услов за тоа беше овие сместувачки капацитети да се регистрираат и да се категоризираат на Платформата на Министерството за економија, доколку сакаат корисниците кај нив да ги трошат туристичките ваучери.