октомври 21, 2020

Кина стана најголемиот трговски партнер на ЕУ во 2020 година

Извозот на ЕУ во САД потона за 9,9 проценти, додека увозот од Соединетите држави падна за дури 11,7 проценти. Најразорни се податоците за трговијата на ЕУ со нејзината поранешна членка, Обединетото Кралство.

Кина стана главен трговски партнер на Европската унија во периодот јануари-јули 2020 година, со што ги исфрли Соединетите држави од лидерската позиција што ја имаше во истиот период минатата година, покажуваат податоците на Евростат. Вкупната надворешно-трговска размена на ЕУ со Кина изнесува 328,7 милијарди евра во првите седум месеци од оваа година, а 323,5 милијарди со САД, објавено е на веб-страницата на Европската агенција за статистика.

Во разгледуваниот период, извозот на 27-члениот блок во Кина изнесуваше 112 милијарди евра, што е за 1,8% помалку на годишно ниво, додека увозот од Кина порасна за 4,9%, на 216,7 милијарди евра.

Пад на трговијата меѓу ЕУ и Велика Британија

Во исто време, седуммесечниот извоз на ЕУ во САД потона за 9,9 проценти на 203,1 милијарди евра, додека увозот од Соединетите држави падна за дури 11,7 проценти, на 120,4 милијарди евра. Според агенцијата, податоците за трговската размена на ЕУ со нејзината поранешна членка, Велика Британија, која е трет по големина трговски партнер на Брисел, се уште попоразителни. Во периодот јануари-јули, извозот од европскиот блок на британскиот пазар опадна за цели 20,5 проценти, на 150,5 милијарди евра, додека увозот од Велика Британија падна за 16,5 проценти, на 94,8 милијарди евра.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •