октомври 22, 2020

Калоѓера: Тој што ќе го прифати бугарскиот меморандум треба да се прогласи за предавник

Познатиот хрватски славист и македонист и редовен професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека, Хрватска – Горан Калоѓера на својот профил се огласи по повод бугарскиот меморандум испратен до ЕУ. Во продолжение го пренесуваме неговиот статус.


Ако некој жив Македонец или Македонка го прифати или се сложи со новиот бугарски меморандум во врска со влезот на Македонија во ЕУ, тој или таа се предавници на сопствениот народ. Тоа треба да се каже отворено и жестоко. Тука нема милост, нема кај нив, но не би требало ниту кај Вас, Македонци и Македонки.

Го прочитав текстот на Митко Панов и повторно се згрозувам од идеите и политичките опции на бугарската страна. Каков идиотизам, какви лаги, какви уцени од најлош вид, достојни за една мафијашка организација. Со таков “најблизок сосед” Вие никогаш нема да влезете во ЕУ. Ако тие замолчат, ќе проговорат Грците. За што тогаш тие зборуваат, што тие сакаат, истребување на македонската нација, култура, традиција, јазик, историја!? Во мојата младост, кога започнав да се занимавам со македонистика, таквата реторика беше вообичаена. Но, истата ја негираа научните докази на водечките македонски интелектуалци од тоа време. 

А зошто сега, сите (со чесни исклучоци) молчите како попарени, пред сѐ интелектуалците, па луѓе мои, ги нема веќе Турците да ве дерат и да ве колат, вие сте слободни луѓе и при тоа дозволувате вакви, да ми извините, пиздарии. Тито ја основал Македонија, па идентитетот е под знак прашалник, јазикот испаѓа некој дијалект на бугарскиот и сите тие пиздарии и глупости би требало да ги проголтате за да се влезе во ЕУ.

Ма ве молам. Постои – и моите добри македонски пријатели, интелектуалци и универзитетски професори тоа добро го знаат – исклучително богата, архивска аргументираната литература кои ги оспорува сите елементи на овој нов бугарски меморандум. Но, сите молчат, чекаат што ќе каже султанот и кому ќе оди свилениот шал, а на кого територијата и богатството. Срамно и бедно. Да Ве потсетам, во втората половина на XIX век, Македонецот и Македонија како ознака за народ и територија со претензија да стане автономна и слободна држава беше повеќе од јасна. На крајот на краиштата, тоа најдобро го дефинираше Ѓорѓи Пулевски во неговиот “Речник на три јазици”, каде што јасно дефинираше што се македонската држава и македонскиот народ.

Во текот на XIX век, се формираше македонската нација, се формираше македонскиот јазик, се устоличуваат македонските изворни политички и културни институции, се креваат бунтови и востанија, се пишуваат манифести со изразена тенденција за идната македонска држава. Сето ова, Бугарите, поточно бугарските политички елити го негираат, опструираат, со јасна цел: да го уништат националното будење на Македонците. Сега, што се однесува до Тито, под негово владеење Македонија станува Република, македонскиот јазик се стандардизира и прифаќа низ целиот свет. 

Оттогаш, односно од манастирот Прохор Пчински, македонскиот суверенитет е неспорен, но за жал, слабоста на македонската политичка елита ја носи Македонија повторно во рамките на Отоманското Царство каде што угнетува оној кој е посилен. Бугарите и Грците тоа секако дека не се, но ја имаат таа предност  да бидат во ЕУ и ги користат сите можни аргументи да ја уценуваат Македонија колку што може повеќе. Толку од пријателството. Можеби сум стар и сенилен, но во своите најдобри години напишав дека македонските мажи и жени немаат пријатели или сојузници во нивната околина. Денес, ова се докажува секој ден, секој момент. До кога така?

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •