јуни 7, 2023

Во куќи во Кумановско МВР пронајде 28 мигранти

Дваесет и осум мигранти се пронајдени утрово при полициски претрес во две куќи во кумановските села Лојане и Ваксинце, а три лица се приведени во врска со случајот.

– При извршениот претрес во домот и помошни простории во сопственост на лицето Ќ.А. (66) во селото Ваксинце пронајдени се 10 лица мигранти од Бангладеш поради што Ќ.А. и Ф.А .(27), двајцата од село Ваксинце, се приведени, додека во селото Лојане при претрес на дом и помошни простории во сопственост на А.А. (48) кој во моментот е надвор од државата биле пронајдени вкупно 16 Пакистанци и двајца Авганистанци, вклучително и четири малолетни лица. Во врска со настанот приведено е лицето З.А. од селото Лојане, информира Сузана Прањиќ Талевска од Секторот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи (МВР).

Приведените лица ќе бидат изведени пред суд во текот на денешниот ден, мигрантите ќе бидат префрлени во прифатниот центар „Винојуг” во Гевгелија, а до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе бидат поднесени пријави поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти” по член 418в од Кривичниот законик.

Уапсени дилери на дрога во центарот на Кичево

Прањиќ Талевска информира за уште еден случај за ставање крај на трговијата со дроги на подрачјето на Кичево. Вчера во вечерните часови, како што напомена таа, во центарот на Кичево е запрено патничко возило „ауди”, управувано од С.А. каде како совозач бил неговиот брат А.А.. При извршениот преглед на возилото се пронајдени пакувања со марихуана, поголем износ на парични средства и нож.

– По претходно издадена наредба од судија на претходна постапка од Основниот суд во Кичево, извршен е претрес и во нивниот дом во Кичево при што се пронајдени кокаин, хероин, марихуана, вага за мерење и големи износи на парични средства за кои постои сомневање дека потекнуваат од продажбата на наркотична дрога, изјави Прањиќ Талевска.

Против лица С.А. и А.А., додаде таа, во изминатиот период се поднесени бројни кривични пријави до надлежното јавно обвинителство и судот за агресивно и насилно однесување, загрозување на сигурноста преку упатување на сериозни закани по граѓани, полициски службеници и нивните семејства кои за жал завршиле без исход.

Против овие две лица ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 со предлог за определување на мерка притвор.

За авторот

Сподели