октомври 21, 2020

ДЕЛ ОД БОЛНИЦИТЕ БЕЗ ПАРИ, БАРААТ ПОМОШ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

Пандемијата на коронавирус ги стопи буџетите на здравствените институции во земјава. Речиси половина година не работеа амбулантите, не функционираше мој термин, а во болница се примаа само најитните случаи. Тоа приходот од сопствени средства им го сведе на минимум,  а новите протоколи неколкукратно им ги зголемија ставките за набавка на заштитна опрема. Поради тоа директорите очекуваат поголема финансиска поддршка од државата.  

Освен со помалку пари болниците работат и со помалку лекари. Во Штип и натаму недостигаат инфектолози. Едниот е на боледување, а инфектологот што доаѓа од Струмица ќе остане во матичната установа поради зголемениот број на заболени од коронавирус во оваа општина. Не се знае ниту кога ќе почне поставувањето на 16-те монтажни Ковид болници. 

Општините и здравствените институции во најголем дел си ја завршиле домашната работа, сега чекаат на Министерството за здравство.

А според министерот за здравство Венко Филипче и тие чекаат Светска банка да одобри пари за справување со пандемијата. Од овој кредит треба да се плати поставувањето на монтажните модули. 

Пред неколку дена, Владата најави дека го одобрила новото задолжување од 90 милиони евра кај Светска банка. Во соопштението нема детали за што ќе се трошат парите, освен дека ќе бидат наменети за ублажување на последиците од Ковид пандемијата.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •