Ураганот “Јанос” ја погоди Грција

Бурата ,,Јанос” позната како медитерански ураган денеска ја погоди западна Грција и поплави улици, сруши дрвја и ги остави островите Кефалонија, Закинтос и Итака без електрична енергија.
Противпожарните служби излегоа на 60 интервенции, претежно да испумпуваат вода од домовите и продавниците. Брод потона во Кефалонија поради големите бранови.
Градоначалникот на Кефалонија, Теофилос Михалатос рече дека никој не е повреден, но оштетени се домовите, транспортната инфраструктура и системите за водоснабдување. Слично е и на Закинтос и Итака каде многумина останаа без електрична енергија.
Бурата Јанос, која го погоди полуостровот Пелопонез, се чини поблага од очекуваното, соопштија метеоролозите.
„Циклонот ќе остане на запад со еднаков интензитет помеѓу шест и девет часот, а потоа, ослабен, ќе започне да се движи кон југ“, рече заменик-началникот за цивилна заштита, Никос Хардалиас.
Невремето може да ја погоди и централна Грција, каде се очекуваат обилни дождови, додаде Хардалиас.

Властите соопштија дека интензитетот и насоката на циклонот не може точно да се предвидат. Циклоните за прв пат се појавија во Грција во 1995 година, а се почести во последниве години.
Слично невреме ја погоди Грција во 2018 година, во поплавите во 2017 година загинаа 25 лица, а стотици останаа без покрив над главата.
Влијанието на ураганот Јанос може да се забележи и на количината на врнежи во Грција. Така, градот Ламија го урна европскиот рекорд со 142 мм врнежи на метар квадратен, следена од аеродромот Андравида со врнежи од 60 мм.
На четврто место е повторно локација од Грција, аеродромот Келфанија со 53,5 мм врнежи.


