мај 28, 2023

Кучињата лаат – караванот си врви, или чист “оксиморон”

Стефчо Негриески

„Не можеме да ги решиме нашите проблеми со истото размислување како кога ги создадовме“

Алберт Ајнштајн

„Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти преку спојување на функции, надлежности на институциите, преку задолжително пензионирање на 64 години, преку пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање“, рече Заев, во своето експозе при претставувањето на новата Влада во Собранието, пред околу дваесетина дена.

И сите среќни и весели. Но еве, кратко време потоа, веќе почнаа да излегуваат огласи за вработувања во државната администрација. И тоа тотално незаконски вработувања. Наместо вработувањата да се реализираат согласно материјалниот Закон за административни службеници, истите се спроведуваат повикувајќи се на општите закони за јавни службеници и работни односи. И не е прв пат, за волја на вистината и претходната влада на Заев го правеше истото, ова е веќе нивен традиционален рецепт. Како мислат да ја намалат бројката во администрацијата, ако постојано трупаат луѓе во истата?! Знае некој да објасни? Јас деновиве налетав на два такви. Вкупно, 46 нови државни службеници.

Бројките настрана, уште повеќе боли незаконитоста во овие постапки. Ваквиот начин на вработување на определено време надвор од материјалниот закон, е класична дискриминација на оние државни службеници кои ја поминале целата постапка за вработување законски. Има такви кои 10 и повеќе години градат кариера во администрацијата и не се мрднати од звањето “помлад соработник” (најниско звање во државна служба за административците со високо образование). За на крај да ви дојде шеф кој е вработен во една скратена постапка (незаконски), без претходно искуство во администрацијата.

Во правото важи принципот – Lex specialis derogat legi generali, или во превод законот со кој се уредува одредена тема (материјален закон) е секогаш посилен од законот на истата тема кој ги уредува општите прашања (општ, генерален закон). Но, во овие веќе традиционални постапки за вработување на старо-новата влада на Заев, се постапува спротивно на овој принцип. Во овие случаи се прави токму спротивното, се дерогира специјалниот закон кој нормира посложена постапка за вработување во државната администрација и се применува општиот, со што се полни администрацијата во рок од 5 дена, без притоа да се спроведат разните тестирања кои ги предвидел материјалниот закон. Исто така, во овој случај само одговорното лице е тој кој што ги назначува членовите на комисијата за вработување и во суштина постапката поприма елементи на дискреционо право. Да не зборуваме за тоа дека на кандидатите кои се одбиени не им е дадено правото на жалбена постапка. Зборувајте ми за правна држава.

Кој е мотивот за вакво унаказување на администрацијата? Прво, во нормална постапка кога овие вработувања би се одвивале согласно материјалниот закон, огласите за вработување би морало да се објавуваат на веб страницата на Агенцијата за администрација, каде би биле достапни на сите. Значи сите огласи за вработување на државни службеници би биле на купче, па така владата би била лесна мета за критика на новинарите или опозицијата, оти од самиот почеток на мандатот работи спротивно на експозето на премиерот. Вака, огласите се објавуваат само на сопствените веб страници, обично сместени на некоја скриeна врска. Класична нетранспарентност, или слободно може да кажеме “детски финти”. Недолично за една Влада. Второ, законската процедура би траела многу подолго и плус би била одолговлекувана со жалбени постапки. Ама кој сега да чека, клиентелата треба да се задоволи брзо. Зборувајте ми сега за еднакви шанси за сите?! Трето, 99 % од луѓето кои се на списоците за вработување добиени директно од партискиот штаб, не ги исполнуваат условите предвидени во Законот за административни службеници, и нивните пријави би биле отфрлени уште при административната контрола во Агенцијата за администрација. Тогаш пријавувањето се врши електронски, а компјутерите паметат сè!! Сега, кажете ми нешто за “мерит” системот во државната аднинистрација.

Со ваквите незаконити постапки за вработување во државната служба, грубо се кршат Глава VI и VII од Законот за административни службеници, каде прецизно е утврдена постапката за вработување на државните административни службеници. А ние чекаме мала и ефикасна администрација?! Кој чекал дочекал!!!

Не е за занемарување ниту штетата која се предизвикува врз буџетот на Република Македонија. Напротив. Со оглед на тоа дека на овие огласи се вработуваат луѓе кои не ги исполнуваат образовните критериуми, а ниту поседуваат потребни вештини за работните места, се поставува прашањето за вистинските потреби од ваквите вработувања во државната администрација. Сигурно е само дека на тие луѓе ќе им се исплаќа плата. За што, никој не знае. Незаработени плати од јавни пари.

Само во Македонија може да се намалува бројката на вработени со нови вработувања. Чист “оксиморон”!!!

За авторот

Сподели