Зоната кај Охрид и Струга зјае празна

Технолошко индустриската развојна зона помеѓу Охрид и Струга и понатаму зјае празна. Освен една фабрика изградена пред неколку години, друг објект засега нема. Зоната требаше да донесе инвестициски бум во регионот и да отвори повеќе работни места.
„Досега требаше да е полна со фабрики и тоа од домашни инвеститори, а не постојано да чекаме и да се молиме да дојди некој од надвор“, рече Мевмед Џемаилоски- бизнисмен од Струга.
Во текот на 2018 година, во време на претходниот мандат на СДСМ и ДУИ, беше најавена нова инвестиција, на иселеник од САД, каде требаше да се произведуваат козметички производи. Од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони велат дека компанијата имала потпишано договор за долготраен закуп на градежно земјиште уште во август 2018 година.
ДТИРЗ:
„Согласно договорот закупецот на земјиштето е обврзан да ја заврши изградбата на градежното земјиште и да започне со производство најдоцна 30 месеци од датумот на склучување на Договорот…“
Ова значи дека на инвеститорот му остануваат само уште пет месеци за да почне со работа, но на локацијата се уште нема ниту фабрика. Од Дирекцијата за индустриски зони за Алсат тврдат дека не е сè така црно. Во зоната кај Струга веќе имало подготвителни работи за изградба на објект на канадска фирма за производство на ретровизори.
Во една ваква ситуација експерти по економија сметаат дека сега кога светската пандемија дополнително ги влошува состојбите со странските инвестиции, нешто мора да се менува.
„Да се понудат и поатрактивни пакети за привлекување на странските компании кои се заинтересирани, но да се земат во предвид и интересите на малите и средни претпријатија, односно да бидат повисоко рангирани и повеќе мотивирани да дојдат оние компании, кои би воспоставиле сериозни врски со нашите мали и средни претпријатија“, изјави Анастас Џуроски-професор по економија.
Инаку, во Македонија, освен зоната во Струга, на хартија постојат дури 14 вакви слободни области за гринфилд инвестиции, но во функција се само четири.