октомври 29, 2020

Врховен ги потврди казните затвор за Груевски, Поповски и Јанкулоска

Врховниот суд ги одби поднесените барања на осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“ и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје.

Поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски беше осуден на шест години и шест месеци затвор и тој веќе е на издржување на казната.

Второобвинетиот, поранешен премиер Никола Груевски како поттикнувач за сторување на делото е осуден на две години затвор.

Апелациониот суд Скопје откако делумно ги уважи жалбите на обвинетата Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ и ја намали казната затвор од шест на четири години.

Тројцата се осудени дека во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Возилото беше купено за 600 илјади евра.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •