јуни 6, 2023

Османи не е загрижен за пораките од Бугарија, за Владата посебноста на македонскиот јазик е неспорен факт

бујар османи

Вчера Бугарија до земјите членки на ЕУ испрати објаснувачки меморандум  во пресрет на одлуката за почнување на преговорите со Македонија, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет.

Османи денеска изјави дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, што е предвидено да се случи во декемрви, а со која се означува почеток на преговорите е веќе договорена работа, а не посебна одлука.

„Сметам дека меѓувладината конфренција не е посебна одлука од онаа донесена во март, повеќе ја интерпертирам како операционализација на донесената одлука. Советот постигна консензус во март вклучувајќи ја и Бугарија, таа даде унилатерална забелешка, но ја одобри одлуката за почнување преговори, чиј дел е одржување на меѓувладината  конференција. Не треба да се наметне негативна динамика на притсоци. Сега е време да се воспостави добра интензивна комуникација на политичко ниво, но и во Комисијата“, рече Османи.

Во однос на Гоце Делчев, рече, изутринава прочитал дека најдобриот начин да му се оддаде почит е да се изгради автопатот Скопје-Софија, кој би се нарекол Гоце Делчев.

„Навистина сметам дека политиката и политичарите можат само да им пречат во обидот на историчарите и научниците да ги осветлат овие прашања кои се товар меѓу двете држави“, рече Османи.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања и ние сме посветени на неговата имплементација, изјавија за МИА од Владата во врска со мемеорандумот што Софија го достави до земјите членки на ЕУ.

„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство“, велат од Владата.

Македонската Влада нагласува дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт.

„Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици кои се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21-от век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство, смета Владата.

Според Владата, тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон пријателство.

„Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на взаемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни, велат од Владата.

За авторот

Сподели