БОЧВАРСКИ: ЌЕ СЕ КРАТАТ ПАРИТЕ ЗА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ

На земјава никако да и се посреќи со пругата кон Бугарија.
Изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце, е прекината, и тоа е главната причина што е слаба реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски, изјави на денешната прес конференција новиот министер Благој Бочварски.
Реализацијата на капиталните инвестиции е скромни 31,6 % за првите 8 месеци од годинава.
„Направив првично скенирање на состојбите. Потфрлањата се на железничкиот Коридор 8, односно пругата Куманово-Бељаковце пруга. Но, има висока реализација кај станбените згради и гасификацијата. Ќе се отстранат сите изместувања на трасата и реализацијата кај двата крака од гасификацијата брзо ќе продолжат“, вели Бочварски.
Заради слабата реализација на пругата Куманово-Бељаковце, односно кај Коридорот 8, таму и ќе бидат најголемите кратења со ребалансот на буџетот, за кој подетални информации ќе има на крајот на овој месец.
„Тука има застој, дел од средствата не се реализирани. Таму имаме проблем со изведувачот, пред да дојдам во Министерството за транспорт имаш испратено допис со кој изведувачот бара раскинување на договорот и случајот ќе оди на арбитража“, рече Бочварски.
Додека, пак, како што додаде министерот, кај ремонтите на железницата на Коридор 10 е добра реализацијата.
Како што неодамна јавија дел од медиумите, изградбата на пругата Куманово-Бељаковце е прекината на барање на германскиот изведувач „Вибе“.
Државата ќе мора да бара нов изведувач за довршување на првата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија, како и изготвувач на нова техничка документација за железничката делница долга 30,8 километри.
Од ЈП ЖРСМ Инфраструктура во изјава за „Мета.мк“ објавиле дека изведувачот на 29.05.2020 година доставил до нив известување за раскинување на договорот, со што и официјално запрела изградбата на пругата, додека фирмите подизведувачи ја повлекле механизацијата и материјалот од градилиштата.
Од претпријатието тврделе дека изведувачот успеал да реализира само 54 отсто од вкупниот обем на работите.
Изградбата на пругата Куманово-Бељаковце започна во март 2014 година, со првично ветување на тогашната влада дека проектот ќе биде изведен во рок од две години.