јуни 6, 2023

Пиши Делчев, Мисли Темпо

На средни патеки, не е веројатно дека Бугарија ќе ги блокира нашите преговори со ЕУ. Останувам на порано кажаното дека тоа од нив би бил аматерски потег, втор по пропустот направен во склучувањето на Договорот, не учејќи од искуството на Албанците со Рамковниот, кој пак им послужи на Грците како потсетник да во Преспанскиот набијат повеќе од доволно “кочници и смерници”, со кои ќе се спречат можните и извесни реинтерпретирања и “креативни” толкувања на договореното.

Држењето на Дамокловиот меч над службено Скопје во процесот на преговорите ќе биде надополнување на тој пропуст, кој има смисла единствено доколку има Преговори како процес во кој службена Софија ќе ја користи салами-тактиката за постепено постигнување на посакуваните цели. Желбата на Скопје, затоа, да добијат и започнат Преговори со ЕУ секако ќе се исполни – но со многу мачен тек кој ќе финишира со мудроста “се што можеш и мораш да сработиш денес, не го оставај за утре.”

Позицијата на Македонија во овој час е кристално јасна. Нема позиција. Има врева, има повика, има нервоза, има дриблинзи, но сето тоа е за внатрешна конзумпција. Позицијата на Македонија е испишана во желбата на Заев да час поскоро заседне на фотеља во Скопје, слично како на времето кога Али од Шипковица му вриштеше на Арбен Џафери да потпише тоа Рамковниот веднаш и сега. Во обата случаја, не вредеа сите повици да не се избрзува, да се има малку повеќе трпение, да се внимава на деталите, на процесот што ќе уследи итн. На двата господина им се посака да заседнат во фотељи, понесени на криљата на пцовките за сопствените народи како мелем за фрустрациите на нивните семејни трауми. Она што уследи по Рамковниот со децении ред, беше килаво плачење за неправдата кон албанците и кукавичко молчење за ефтината цена со која Али ги продаде ко телиња на кванташки. Критичарите на Софијскиот Договор треба да го имаат овој факт на ум, кој треба да ги потсети на есенцијалното: ставот на Софија е глупаво, банално, примитивно вербално спакуван, но субстанцијално точен и согласно Договорот, напишан и потпишан од Заев, Димитров, јавно прифатен од Шеќеринска, Ахмети (и најбитно) Пендаровски, и со селективна критика од страна на Мицкоски.

Да почнеме прво од тајмингот. Иако прашањето за односот на Софија кон Скопје е деценијски долг, последната негативна амплитуда е директна консеквенца на неразбирливата триумфалистичка поза на внатрешно-надворешната политичка врхушка на Скопје, која во членството на НАТО препозна некаков вид на одишка од стравување. Онака во стилот, до НАТО стигнавме лигавејќи се, па сега можеме да изуеме чевлите и на соседите им кажеме “е сега, можете да ни се фатите”. Некогашните утрки на Заев, Пендаровски, Димитров во гмизење и лигавење пред Борисов и Захариева можеби беа импресионантни за Бојко Балканецот, но ниту приближно впечатливи за софистицираната и вешта Захариева и нејзиониот дипломатски осет за соговорниците. Во призмата на Заев, Пендаровски, Димитров, се отсликуваше нивниот американски менаџмент за кој членството во НАТО беше причината за договорите, но во портфолиото на Захариева, свеста дека во Брисел има две седишта никогаш не беше избледена.

Што всушност бара Софија од Скопје? Во овој час, мејнстримот во Скопје инсистира дека тоа е секако прашањето на Гоце Делчев и неговиот идентитет. Не спорејќи ја неговата асполутна битност како лик, фигура и наследство, чинам дека тоа прашање е сепак само симбол во чија позадина се одвивааат длабоку побитни теми за Бугарија и поболни прашања за Македонија. За да ги разбереме, неопходно е да направиме една мала историјска дигресија.

Прашањето на симбооликата на Гоце се развива во четири моменти или епизоди. Првата, Гоце како историски фактички настан. Вториот, Гоце како историска реинтерпретација, како симбол. Третиот, Гоце како ревизиски изговор, Четвриот, Гоце како заокружување и помирување на минатото и сегашноста. За првиот момент, фактите се тие, несоборливи и помалку-повеќе прифатени од двете страни. Вториот момент се поврзува со префрлањето на моштите во Скопје, како дел од “социјалистичката интернационала” и братимење во регионот. Интересното во тој процес е што истиот се одвивал под капата на Светозар Вукмановиќ Темпо, како комунистички везир во Македонија . Во тој дел, поинтересен е мотивот на Софија за давање согласност за префрлање на моштите во административниот град на Македонија, стотици километри далеку од регионот во кој има делувано. Секако дека не може да се исклучи комунистичката интернационала како мотив за давање на таквата согласност да бил гест на добра воља. Но, познавајќи ја историјата на односите на Белград и Софија во Македонија, поупатно е да се каже дека во позадината на таквиот гест бил и мотивот за искористување на симболиката на Делчев за спречување на нео-колонизацијата на Македонија и нео-асимилација на етничките македонци во рамките на Југославија. Третиот момент се однесува на процесот на реинтерпретација и ревизија на Гоце преку инсталирање “револуционерноста и социјалната правда” давајќи левичарска (социјал-демократска дури) интерпретација на неговата мисија, посебно во доцните осумдесети и раните девеести, појавата на десничарството и новата реалност на независна Македонија.
Четвртата епизода е во тек и е директна консеквенца на претходните две епизоди. Во смисла на тоа што прашањето на Гоце веќе не се одвива во триагоолник Белград-Софија-Скопје, туку во директно соочување помеѓу Скопје и Софија. Во тоа соочување, Софија го користи Делчев како дискретна илустрација за доминацијата на комунистичкиот ментален мајндсет на Скопје инсталиран од Темпо во темелите на административната логика на управување со државата.

Токму затоа, од призма на Софија, прашањето на Делчев е речиси минискулна ставка во листингот барања упатени до Скопје кои речиси унисони може да се интерпретираат како демарш до Македонија за раскинување со наследството на Темпо и демонстрирање вистинска, автономна и автохтона независност на земјата. Затоа, додека Скопје инсистира на континуитет врз интерпретацијата на Делчев, Софија настојува и се повеќе ќе инсистира на прашањата за комунистичкиот однос на Македонија кон соседите конципиран според диктатот на Темпо, лустрациско расчистување со политичките, безбедносни, финансијски, културни и економски подземни врски со Белград и отварање на Македонија кон Софија по ист терк како што сега е отворена кон Белград (традиционално), Атина (наследно), Тирана (реал-политички).

Таквите барања на Софија би можеле да се оценат како логични и разумни, што не може да се каже и за нивниот пристап во кој демонстрираат дефицит на дипломатска умешност и суфицит на преценета, арогантна битност, заборавајќи дека и тие се сепак само дел од регионалниот мозаик на спонзорирани држави со лимитирана автономија на делување во регионалните баланси. Спротивно на впечатоците во Скопје, аргументите на службена Софија за белградската природа на политиката во Македонија има наидено на доволно разбирање низ многу европски центри, како што впрочем може да ссе заклучи и низ елегантното прифаќање на софиските барања од страна на ЕУ. Она што пак Софија не сака да го разбере и сака да го прикрие е дека таквата европска подршка за политичка де-белградизација на Скопје не подразбира подршка за евентуална ре-Софијазијација на Скопје. Настапите на добар дел од софиските политичари во последните две години само ја имаат зајакнато таа позиција на ЕУ, па и САД кон Бугарија, а во прилог на Атина.

Што се однесува на службено Скопје, емоцијанилизацијата на Делчев може да послужи некое време, но тоа нема да биде доволно за да се избегне соочувањето со вистински тешките и мачни барања на Софија, сега веќе интернационализирани преку ЕУ преговорите и НАТО барањата за пречистување на администрацијата на Македонија од остатоците на федерацијата и нивните потомства камуфлирани под знамињата на европејството, квази-либералното, пазараносто, демократското. Во тој аспект, ова не се прашања упатени до СДСМ, ВМРО, ДУИ како носители на кликите на југословенството и комунизмот во пазуви, туку се ставови пренесени до Македонија дека без прочистување на овие партии, нашите членства ќе бидат одолжени (ЕУ) или пак инкорпорирани но под сенка на дискретен сомнеж (НАТО).

Впрочем, токму изборот на Заев и Ахмети на ликовите во новата Влада (со дебели југословенски безбедносни и комунистички петна) уште повеќе ќе ја зајакне оваа позиција на Софија и ќе ги потврди аргументите на Бугарија пред западните им партнери.

Како заклучок. Гоце Делчев не е пресвртниот, судбоносен фактор и мотив во тековната кавга помеѓу Скопје и Софија. Барем не од призма на Софија. Прашањето за тоа чиј бил Делчев може сосема лесно да биде разрешено во корист на Македонија и македонците. Доколку истите јасно, недвосмислено, категорично, без резерви и со јасен став се откажат од наследството на Темпо во сопствените редови. Што не би бил толку болен, посебно што дури и службен Белград веќе се има откажано од сопствениот Темпизам и се справува со сопствените југо-федерално-безбедносно-комунистички багажи. Се на се, тоа е лесно решение кое е неспроведливо во реалноста, барем не во оваа генерација која ја открива капиталистичката валута на Делчевизмот како елитна привилегија. И таа неспремност на сегашната скопска политичка каста, елита, врхушка, сојуз, колхоз, задруга – наречете ја како сакате – е лакмус тестот на нивното вистинското родољубие, скроено според максимата: Гоце го даваме, Темпо не го даваме.

Фејсбук статус на Арсим Зеколи

За авторот

Сподели