Заев: Променет е целиот комитет за историски прашања со Грција, освен еден член

Премиерот Зоран Заев во интервјуто за „МЕГА“ во Грција откри дека пред една недела речиси целосно е променет македонскиот седумчлен тим во интердисциплинарниот Комитет меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања, кој треба да ги модификува учебниците по историја и географија за основно и средно образование. Новоформираната Влада ги променила сите членови освен еден.
„Комитетот за историја започна да функционира, но кога дојде новата влада одлучи да го смени комитетот. Пред една недела ги финализираа имињата на новите членови. Само еден член остана од стариот комитет и новиот комитет е подготвен да продолжи дури и без договор по одредени детали.
Се разбира, новите комитети во нашата земја се грижат за новите публикации и започнаа да го менуваат името на земјата во Република Македонија.
Бидејќи кај нас државата ги купува книгите, на секои 5 години има ново издание. Кога ќе се направи нова верзија, таму се применува нашиот нов Устав.
Имаме нов устав и тој ја споменува Република Македонија, затоа не се потребни комитети за да се постигнат договори за некои прашања. Ние ги имплементиравме веднаш, но имам позитивни информации од нашиот комитет дека тие ќе најдат решенија“, вели Заев во интербјуто со грчкиот медиум.
Членовите на Комитетот првата средба ја имаа пред две години, но засега во јавноста има малку информации за постигнатите резултати во овој дел од Преспанскиот договор. На чело на истата беше назначен Виктор Габер.
Заев е во Атина заедно со вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, како и со министерот за надворешна работи Бујар Османи на собирот на „Економист“.