октомври 22, 2020

Дивата депонија во Карпош 3 повторно во пламен, општината се оградува од одговорност

Депонијата во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од утрово е во пламен, а како што од претходно информираа од противпожарната служба во Скопје,  станува збор за градежен шут и отпад кој го гаснат три противпожарни екипи кои се на терен.

Непријатната миризба и црниот чад можат да се почувствуваат низ цела Општина Карпош, а на фотографиите од пожарот се гледа изгорен домашен кабаст отпад.

„Пожарот што утринува избувна на сметлиштето позади салата „Борис Трајковски“ не е комунален отпад од Општината. Општина Карпош сиот отпад којшто ќе го соберат комуналните служби и хигиеничари го носи директно во депонијата „Дрисла“. Напротив, Општина Карпош најмалку десетпати досега ја расчистуваше оваа поранешна депонија, каде што со возила беа истоварани огромни количини шут и друг вид отпад. Конечно, во голема акција, заедно со јавните претпријатија, децениската депонија ја исчистивме темелно, ја оградивме со жица и со рампа, така што е оневозможено влегување на камиони и други возила, а со тоа и полнење на сметлиштето.. Најверојатно станува збор за индивидуално фрлање и палење на отпад, што треба да утврдат надлежните служби. Инаку овластениот еколошки инспектор од Општина Карпош веднаш излезе на увид на терен, а Општината повторно презема обврска да го расчисти спаленото ѓубриште“, велат од Општина Карпош.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •