Лидерот на Интегра најави тужба за Мицкоски

Претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски во изјава за „Фокус“ најави тужба до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска го обвини него и неговата партија дека биле финансирани од друга партија со цел да направат штета во опозицијата и да отцепат гласови.
„Ќе одговориме со тужба до Мицковски за невистини и лаги“, вели Ристовски.
Тој се жали дека и претходно имало „инвазивна специјална војна“ против него и неговата партија, која не престанала да се одвива и после изборите.
Ристовски вели дека во редовите на ВМРО-ДПМНЕ преминале само мал број членови, а потпретседателот на Интегра, Воислав Зафировски тврди бил разрешен поради опструкции на изборната кампања и „сексуално вознемирување“ на членови на партијата.
„Воислав Зафировски беше разрешен минатиот месец од сите раководни позиции во партијата, вклучително и таа како Претседател на РИШ – Републичкиот изборен штаб, а поради сериозни пропусти и смислени опструкции во изборната кампања 2020, потоа и поради длабоко преминат праг на морална грешка, кој вклучуваше покрај прекршувањето на интерната Заклетва положена со рака врз Библијата и постоење на елементи на сериозни испади кои слободно можат да се подведат под сексуално вознемирување на истакнати членови на партијата“, изјави Ристовски за Фокус.
Зафировски пак, на прес-конференцијата со Мицкоски рече дека причина за разрешувањето е негова колумна, во која Ристовски се препознал и дека бил зазрешен без да биде информиран. Тој го обвини претседателот на Интегра дека партијата ја претворил во секта и дека во изминатиот период одработувала за актулната власт.