октомври 27, 2020

Нов јавен повик од ФИТР за грантови за иновации

Нови 244.000 евра за фирмите преку Фондот за иновации. Од 1 октомври компаниите ќе може да аплицираат за иновациски ваучери за услуги од универзитетите за истражувања, сертификати и секаков тип научна помош за иновации и развој на фирмите.
Со ваучерите може да се покријат максимум 80% од трошоците, но не повеќе од 500.000 денари без ДДВ. Фирмите може да добијат најмногу два ваучери за различни услуги.

“Од 1 октомври, со самиот термин на објавување на јавниот повик веќе ќе може да се исплаќаат финансиски средства на сите оние кои што ќе достават соодветна апликација, која што е прилично едноставна за одредени активности, кои може да бидат различни истражувања, лабораториски тестирања, сертификации, сето она што им е потребно на компаниите за развој на нов продукт или услуга”, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Целта на повикот е да се поттикне соработката меѓу реалниот сектор и науката, а со тоа да се вбризгаат пари во научниот сектор, но и преку иновации да се зголеми конкурентноста на фирмите.

“Овој повик нуди да ги споиме образовните институции, како потенцијал и капацитет на нашата држава со реалниот сектор. Тие во суштина да станат извор и на иновации и на знаење, но и реалниот сектор да го искористи истото”, вели Мила Царовска, министерка за образование и наука.

Ваучерите ќе се доделуваат веднаш по аплицирањето, по принципот “прв дојден-прв услужен”. Јавниот повик ќе трае сè додека не се потрошат предвидените 15 милиони денари.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •