декември 3, 2020

АПАНАЖА ПОБАРАЛЕ 44 ПРАТЕНИЦИ ОД МИНАТИОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ

Доколку добие предлог од Владата за укинување на патните трошоци на сите избрани и именувани функционери, вклучувајќи ги и пратениците, претседателот на Собранието ќе достави предлог до пленумот за гласање. Но, вели Џафери, не очекува такво нешто, иако во јавноста некои пратеници најавуваа дека ќе се откажат од патните трошоци.

Според него, поединечно барање на пратеник или фунционер се коси со Уставот.

– Ако сакаат да доаѓаат со тротинет, ќе им обезбедам паркинг на пратениците, вели Џафери на брифинг со новинарите, додавајќи дека доколку функционерите сакаат да се откажат од службените возила нека одат на работа со тротинет.

Претседателот на Парламентот смета дека 120 пратеници се избрани од граѓаните и оти во јавноста се создава впечаток како пратениците да се злото од општеството и оти се лошо потекнува од Собранието и пратениците.

Тој се согласува со новинарите дека треба да се доуредат законските одредби за да се одбегне секаква можност за злоупотреби.

До Собранието барање за апанажа поднеле 44 пратеници од минатиот состав, а се уште трае рокот за поднесување барање за надомест по престанок на функција од поранешните министри.

Во однос на седница за избор на потпретседатели на Собранието, Џафери рече дека ќе ја свика само откако до него пратеничките групи ќе достават формален предлог.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •