декември 5, 2020

Димитриевска: „Обвинителката ми го доуништи животот, очекувам разрешување“

Обвинителката не ги набавила медицинските документи за загубата на плодот на Наташа Димитриевска, наредбите за вештачење не биле целосни за утврдување на повредите; обвинетиот не одговарал за кривичното дело Неукажување помош на лице во сообраќајна незгода – низа пропусти кои ги направило обвинителството беа запишани во претставката која денеска ја поднесе во Советот за јавни обвинители сопругата на загинатиот во сообраќајката кај Млечен. Разочарана од судот, повторно излезе да ја бара правдата кај надлежните. Судот му пресуди условна казна на виновникот иако делото според неа било сторено со умисла со оглед дека на местото на незгодата свртил лево иако е забрането, има знак и две дупли линии.

„Обвинителката ми го доуништи животот, очекувам разрешување“ – вели Наташа Димитриевска.

Правдата на судството не ја виде ниту Гоце Попев чија сопруга беше прегазена 2017 година пред Министерството за култура.  Несовесното и бескрупулозно возење наплаќа животи – со солзи во очите Попев раскажува за случајот кој во рацете на надлежните се влечеше цели три години. Жртвата беше прегазена од комбе за дотур на роба, чиј возач возел во рикверц. По овој немил настан, телото на сопругата на Гоце, пожарникарите го извлекуваа цели 4 часа. Неодамна, семејството Попеви доживеа уште една загуба – овој пат загуба на правдата. Судот излезе со ослободителна пресуда за виновникот. 

„Животот во нашата земја  стана најевтин артикл, слободата денеска се купува“ – вели Гоце Попев.

Гнев и неверување кај Димитриевска и Попев поради пресудите за луѓе кои одземаа човечки животи. Велат ќе се борат за праведност до крај.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •