октомври 20, 2020

Предистражна постапка за Мерко за набавката на службеното Ауди А6

Рамиз Мерко

По иницијатива на Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство за организиран криминал отворило предистражна постапка за набавката на Општина Струга на патнички возила во 2018 година, меѓу кои спаѓа и луксузното Ауди А6 вредно над 4 милиони денари, кое впрочем е најскапо платено возило со јавни пари во последните две и пол години. Како што велат од Обвинителството за Фокус, надлежен јавен обвинител активно постапува и „презема дејствија во насока на расветлување на случајот“. Меѓутоа, истакнуваат од таму, не можат да изнесат повеќе детали поради тајноста на предистражната постапка.

Всушност, се започна од Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси, која во текот на минатата 2019 година, по допрен глас, отвори предмет за набавката на четири возила од страна на Општина Струга, по што поднесе иницијатива до Обвинителството за кривично гонење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Според Комисијата, набавката е извршена во „услови на ограничено располагање со буџетот поради повеќегодишна блокада на сметката на општината заради неплаќање на обврските“.

Како што е наведено во годишниот извештај на Комисијата за 2019 година, ваквото основање сомневање е поткрепено и со наводите од ревизијата на финансиските извештаи и на буџетската сметка на оваа локалната самоуправа. Имено, Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во работењето на општината за периодот 2017-2018 година, при што се нотира дека „продолжуваат условите за настанување на финансиска нестабилност“, а воедно се потенцира и потреба за законско допрецизирање во насока на функционирање на општината со блокирана сметка.

Токму во периодот за кој е извршена ревизијата на финансиското работење на Општина Струга (2018) е реализираната набавката на четири автомобили во вкупна вредност од 7 милиони денари или 114 илјади евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки, во конкуренција на две компании, овој вреден тендер го добила битолската компанија формирана во 2009 година од страна на Пеце Стојановски – „Јосифов“, која е овластен дилер на Шкода.

Во договорот потпишан меѓу двете страни стои дека набавката се однесува на два автомолиби од марката Шкода Рапид во вкупна вредност од 1,7 милиони денари со вклучен ДДВ, едно возило од марката Шкода Октавија во вредност од 1,1 милиони денари, како и возило Ауди А6 во вредност од над 4 милиони денари. Оттука, произлегува дека Ауди-то вреди повеќе од другите 3 возила заедно.

Што се однесува до највредното од четирите возила – Ауди А6, врз основа на техничките спецификации врз основа на кое е набавено, може да се заклучи дека, покрај останатото, располага со кожен волан со аудио-команди, сензор за дожд, навигациски систем, можност за бежично поврзување со мобилен… Притоа, надлежните во општината за спроведување на јавната набавка стриктно барале возилото да биде во црна боја и да има алуминиумски тркала.

Инаку, новото истражување  на Центарот за граѓански комуникации покажа дека во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила во вкупна вредност од 8,1 милиони евра. Од сите нив, убедливо најскапо е токму Ауди-то купено од Општина Струга во вредност од 67 илјади евра, поради градоначалникот Мерко моментално е предмет на предистрага.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •