мај 28, 2023

Бигорскиот манастир ќе го одбележи патрониот празник

Бигорското светилиште и годинава на 11 септември, традиционално ќе го одбележи патрониот празник „Отсекување на чесната глава на Свети Јован Крстител“ .

Четврток (10 септември) од 18.30 часот, ќе се одржи Свечена архиерејска вечерна богослужба и Молебен канон во чест на Чудотворната икона на Св. Јован, а во петок утрената богослужба ќе започне во 7.30, во 8.45 е пречекот на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство, г. Тимотеј и на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Светата архиерејска златоустова литургија ќе започне во 9.00 часот.

Бигорската обител упати покана за достојно и со почит одбележување на патронот, како и строго почитување на мерките за спречување и заштита од ширење на коронавирусот.

„Ги замолуваме сите поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита и превенција од вирусот COVID-19, односно, задолжително да носат заштитна маска, да користат средство за дезинфекција и да го запазуваат потребното социјално растојание“, потенцираат од манастирот.

„Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!“, се вели во соопштението на Бигорски манастир уппатено до вернците.

За авторот

Сподели