јуни 6, 2023

ВЛАСТА БАРА ОТКУП И ФЕР ЦЕНИ ЗА ЛОЗАРИТЕ, ВИНАРИИТЕ ВЕЛАТ НА НИВИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ 30 МИЛИОНИ КИЛОГРАМИ ГРОЗЈЕ

Понудените цени за откуп на грозјето од винаријата „Тиквеш“ се понижувачки, е ставот на лозарите. Од Здружението „Напредни лозари“ кои веќе ги повикаа своите членови да не го берат грозјето без пристојни откупни цени, а најавија и радикализација, велат дека договореното со Министерството за земјоделство мора да се почитува.

„Не се работи за економска одлука туку за нас нејасна политика. Ние имаме состаноци по што ќе одлучиме кои ќе бидат нашите наредни чекори, но дефинитивно нешто ќе мора да преземе и државата и ние“ вели Трајче Кулев, од Здружението „Напредни лозари“.

Некоректни цените ги нарече и новиот министер за земјоделство, Аријанит Хоџа и поранешниот Љупчо Николовски.  

Хоџа на фејсбук статус напиша дека договорот бил  9 денари за откуп за смедеревка и 11 денари за вранец. Државата ќе субвенционира и дополнителни 4 денари и 2 денари за сортното винско грозје.

„Тоа што плус се договоривме беше како да им помогнеме и на винарските визби во делот на извоз на наливно и флаширано вино, но остана само да ја утврдиме методологијата за субвенционирање на 30% на транспортот на флаширано вино, односно 20% на транспортот на наливното вино. Од ова што првично сме договорени, ние немаме намера да отстапиме, така да очекувам винарската визба „Тиквеш” да го повлече овој ценовник и да постапи според договореното на заедничкиот состанок“ – напиша Хоџа на ФБ.

Од „Тиквеш“ велат дека во време кога македонските винарници имаат залиха од 60 милиони литри вино и се закануваат отпуштања поради пад на продажбата предизвикана од Ковид кризата, тие може да понудат пазарана цена за откуп на грозјето. Во соопштението испратено до медиумите велат дека досега откуиле 6.000 тони грозје, а залихите од вино и намалената потрошувачка наметнуваат ревизија на плановите за откуп и производство.

„Тиквеш бележи зголемување на залихите од вино за 60%. Заради падот на побарувачката и прометот на домашниот пазар и падот на цените на главните извозни пазари, сите наши винарници не беа во можност да ги продадат предвидените количини вино за да можат да ослободат доволно простор за складирање на новото вино од годинешната берба. Заради ова постои реална можност оваа година да останат 30 милиони килограми грозје на нивите“ се вели во соопштението на „Тиквеш“.

Од оваа винарница годинава очекуваат поголем род, но полош квалитет на грозјето.

Проценките се дека годинава ќе се наберат околу 90 милиони килограми. Лозарите бараат вишокот од грoзјето да го откупи државата.

За авторот

Сподели