Алексеј Навални се разбуди од кома

Лекар во болницата во Берлин вели дека рускиот опозициски лидер е контактибилен, односно дека реагира на вербални стимули.
Алексеј Навални беше пренесен во Германија од руска болница. Рускиот опозициски лидер и жесток критичар на Кремљ, Алексеј Навални се разбуди од кома и неговото здравје е подобрено, соопшти денес болницата во Берлин. Лекарот вели дека Навални е контактибилен, односно дека реагира на вербални стимули. Навални бил префрлен во Германија од руска болница, каде што завршил откако му се слошило на летот од Сибир за Москва. Берлинската болница „Харита“ додава дека е рано да се процени долгорочниот ефект на труењето.
Неговиот тим вели дека тој бил отруен по наредба на рускиот претседател Владимир Путин.
Западот бара појаснување од Москва
Кремљ во понеделникот ги осуди „апсурдните“ обиди за обвинување на Русија за труење на Навални, кој беше примен во кома во болница во Германија, чија влада тврди дека тој е жртва на нервниот агенс „Новичок“. Германската влада смета дека Навални бил „несомнено“ отруен во Русија за време на предизборната кампања со нервниот агенс „Новичок“, супстанца што била направена за воени цели во советско време. Берлин и другите западни земји покажуваат со прст кон руските власти и бараат од нив објаснување. Конфликтот ескалираше во неделата, кога Германија постави ултиматум и даде на Москва неколку дена да „разјасни што се случило“. Русија го обвинува Берлин дека „ја отежнува истрагата што самата ја бара“, затоа што не се испратени документите до руските власти.