Вардар е најопасен кога сите го отпишуваат: Црвено-црните во атак на нова титула во СЕХА-лигата

Македонскиот првак против Веспрем во борба за шестата титула во регионалното натпреварување
Актуелниот македонски, регионален и европски првак Вардар, вечерва ќе атакува на нова титула. Црвено-црните ќе играат во финалето на СЕХА-лигата, а противник е Веспрем. Вардар е актуелен бранител на тронот и најуспешен клуб во ова натпреварување со пет трофеи досега. Сепак, вечерва Веспрем е во улога на голем фаворит.
Во изминативе неколку месеци Вардар претрпе многу промени во играчкиот состав и во „Јане Сандански“ дојдоа десетина нови играчи. И со комплетно изменет тим, Вардар покажа дека секогаш е опасен кога се играат големи натпревари. Во полуфиналето од фајнлфорот во Задар, Вардар во драматичен меч успеа да го елиминира Загреб.
На 10 минити до крајпт, Вардар губеше со 6 разлика, но ракометарите не се предадоа. Стигнаа на крајот до нерешено, за потоа на пенали да изборат влез во финалето. Тој дуел против Загреб потсети на многуте неверојатно драматични средби кои Вардар речиси секогаш ги добиваше, па затоа сега може да се пофали и дека е двократен европски првак.
Против Веспрем, Вардар во 2019 година одигра четири меча и победи само еднаш, а три пати беше поразен. Сепак, таа една победа беше и најзначајна, затоа што беше во финалето на Лигата на шампиони. И вечерва мечот ќе биде за трофеј, тој во регионалното натпреварување.
“Без сомнение Веспрем е фаворит на оваа средба, ние сторивме сè за да се подготвиме најдобро што можеме. Сепак, дефинитивно нема да излеземе со „бело знаме“, ќе се обидеме да ги исфрлиме од ритам. Ни претстои уште еден тежок натпревар помеѓу Вардар и Веспрем“, изјави Алушовски, кој вели дека пред финалето има проблеми на десната бековска позиција.
Еден од најискусните кај Вардар е Тимур Дибиров кој бил дел од сите неизвесни дуели во минатото. Дибиров вели дека Вардар секогаш наоѓа сила да одигра најдобро кога е најпотребно, па се надеваме дека и сега ќе биде така, иако Веспрем е голем фаворит.