декември 1, 2020

Реформи во здравството, ќе останат на “ќе” или ќе станат реалност?

  Воведување на проект „Телемедицина“ каде патува информацијата, а не пациентот, кој ќе ги поврзува Универзитетскиот клинички центар во Скопје со трите Клинички болници во Битола, Тетово и Штип, нов Клинички центар, „Лек во секое време и за секој пациент“ т.е без квотите кои го загрозуваа здравјето на граѓаните и создаваа нервози и страв во поголем дел од месецот. Оваа политика ќе гарантира обезбедени лекови и во аптеките и во болниците секој ден во месецот, стои меѓу другото  во програмата на Владата 2020-2024 година. Дали ова е само список на желби или ќе стане и реалност?!

Владата секоја година ќе ги зголемува платите на здравствените работници и соработници до 10 отсто и целта е најниската плата на здравствени техничари и медицински сестри да ја стигне просечната плата во државата до 2024 година, стои во  програмата на Владата во која детално се нотирани плановите кои треба да се реализираат во здравството во наредниот четири годишен мандат.

-Од 2021 година трикратно ќе го зголемиме бројот на специјализации во точно определени области. Ќе распишеме и доделиме дополнителни специјализации во соработка со здравствената фела, имајќи го предвид недостигот на специјалисти во повеќе медицински гранки, ќе обезбедиме платен работен стаж за секој нов млад лекар, но и паричен надоместок како стимулација, сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12.000 денари месечно, стои во програмата на Владата. Ќе биде потпишан Стратешки договор со Универзитетската болница од Франкфурт за едукација на млади лекари и сестри по принцип на ротација, ќе се отворат капацитетите на јавните здравствени установи (операционите сали) за користење на специјалисти согласно точно утврдени критериуми, со што би се оствариле дополнителни приходи на ЈЗУ, ќе биде развиен модел за системски промени во начинот на плаќање на примарната здравствена заштита, во кој ќе се вреднува обемот и квалитетот на услугите кои матичните лекари ќе ги спроведуваат.

-Ќе воведеме систем на континуирана едукација за медицински сестри со цел зголемување на нивните компетенции и знаења во соодветната област каде што работат, со целосно здравствено- информатичко поврзување, комплетно ќе се избегне „шетањето“ на пациентот заради административни причини на релација матичен лекар-специјалист-матичен доктор- аптека. Владата ќе воведе целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи, стои во програмата.

До крајот на годинава Владата планира да ја воведе апликацијата „Мое здравје“ со која за секој граѓанин ќе се обезбедат електронски поврзани податоци и историјат на дијагнози и терапии. -До крајот на мандатот сите болници и здравствени домови ќе ги направиме енергетски ефикасни, а ќе ги реновираме сите вакцинални пунктови и најстарите одделениjа во болниците. Во 2020 година ќе обезбедиме 70 нови возила за итна медицинска помош и редовно обновување на возниот парк секоја година до крајот на мандатот. Ќе воспоставиме три нови пункта за Итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје. Времето на одговор на итна медицинска помош ќе биде до 10 минути во урбани и до 20 минути во рурални средини, се наведува во програмата.

Владата во програмата најавува дека ќе ја започне изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје, што ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава.

Ќе продолжи реконструкција, проширување и опремување (вклучително и неопходен кадар) на клиничките болници во Тетово, Битола и Штип, и ќе се анализираат потребите и можностите за нивно унапредување во Универзитетски клиники, земајќи ја предвид и локацијата, капацитетите и вредноста на инвестицијата на новиот Универзитетски клинички центар и тие центри ќе бидат многу поефикасни и подостапни на граѓаните со воведување на проект „Телемедицина“ каде патува информацијата, а не пациентот, кој ќе ги поврзува Универзитетскиот клинички центар во Скопје со трите Клинички болници во Битола, Тетово и Штип.

-Ќе направиме набавка на неопходна медицинска опрема за осовременување на установите вон Скопје и тоа „Св. Еразмо“ – Охрид, Општата болница – Струмица и Ургентниот центар во Тетово. Ќе инвестираме во нови и проширени постоечки капацитети на дневни болници во кои на пациентите, во текот на еден ден ќе им се пружаат дијагностички или терапевтски (интернистички, хируршки, педијатриски) услуги за кои не е неопходна хоспитализација. Ќе развиваме капацитети за долготрајно лекување и нега на хронични болни, особено за стари и неподвижни лица во тешка состојба, за кои домашната нега не е соодветна. Неискористените болнички капацитети ќе ги пренамениме во домови за стари лица, стои во програмата.

Се најавува формирање служба за парамедици во Итната медицинска помош, доекипирање патронажната служба во сите региони низ државата, врз основа на искуството од регрутирањето кадар во изминатите три години.

Меѓу другото, се најавува и бесплатно лекување во болниците (ослободување од партиципација на одредени дополнителни категории на здравствени осигуреници) покрај досега ослободените вулнерабилни групи, обезбедување гинеколошки услуги преку капацитетите со кои здравствениот систем располага на секундарно ниво, докторите во болниците од областа на гинекологијата и педијатријата во места и региони каде што недостасуваат матични лекари ќе можат да регистрираат осигуреници како матични лекари од овие области, ќе има нови и проширени постоечки капацитети на дневни болници во рамките на здравствените установи во кои на пациентите во текот на еден работен ден ќе им се пружаат одредени дијагностички или терапевтски (интернистички, хируршки, педијатриски) услуги за кои не е неопходна хоспитализација, развивање капацитети за долготрајно лекување и нега на заболени од одредени хронични болести.

– Ќе продолжиме со политиката „Лек во секое време и за секој пациент“ т.е без квотите кои го загрозуваа здравјето на граѓаните и создаваа нервози и страв во поголем дел од месецот. Оваа политика ќе гарантира обезбедени лекови и во аптеките и во болниците секој ден во месецот, стои во програмата на Владата 2020-2024 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •