Вучиќ тврди дека потпишал билатерален договор со САД за Косово

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдулах Хоти потпишаа денес во Вашингтон договор за економска нормализација на односите на Белград и Приштина.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека е исклучително задоволен од она што делегацијата на Белград го постигнала на состанокот во Белата куќа. Според него, делегацијата на Србија потпишала билатерален договор со САД, за економската соработка со Косово, а не трилатерален, и во него Приштина не е спомната како субјект на меѓународното право, порача тој.
Тој во обраќањето до медиумите по потпишувањето на договорот наведе дека во текстот на договорот ја нема точката 10, нема признавање, и дека луѓето во Србија може да здивнат.
„Ова е добар договор за Србија, ќе звучи неубаво ако кажам дека честитам, но искрено сум задоволен и сите членови на делегацијата со она што го постигнавме“, кажа Вучиќ.






Неколку пати кажа дека станува збор за билатерален договор со САД.
„Ова не е трилатерален договор. Тоа е важна разлика. Значи, ова е договор кој Србија го направи со САД, третата страна не е призната како субјект на меѓународното право. Тоа за нас е од исклучително значење и му благодарам на претседателот Трамп, особено му благодарам што направи долга билатерална средба со делегацијата на Србија. Јас поминав повеќе од 15 минути во Овалната канцеларија сам со Трамп и неговите соработници“, додаде Вучиќ.
Укажа дека на состанокот станало збор за односот на Србија и Америка, сите изборни кампањи, како и дека Трамп изразил желба да дојде во Србија.
„Преку оваа билатерална средба директно ги уредуваме односите со една од двете најголеми сили во светот, да се бавиме со економијата пред сѐ и некои политички прашања кои не се исклучително болни за нашата земја“, кажа Вучиќ.
Истакна и дека е постигнат компромис и добар договор за Србија.
„Само за Србија е предвидено отворање на канцеларија на Фондот за развој во Белград, а тоа го нема за Приштина или кого било друг во регионот“, додаде српскиот претседател.
Додаде дека „Американците со нас ќе ги надгледуваат важните проекти, како изградбата на патот до Приштина“.
Потсети дека Србија во соработка со Европската инвестициска банка гради автопат од Ниш до Плочник, но дека не се знае како ќе биде финансиран делот од Плочник до Мердаре.
Истакна дека изградбата на тие автопатишта ќе ги поврзе Приштина и централна Србија и ќе го олесни движењето на луѓето.
Договорот подразбира, додаде Вучиќ, и изградба на пруга, односно железничко поврзување на Приштина со централна Србија. Истакна дека изградбата на железницата ќе оди преку Мердаре, бидејќи, како што укажа, постоела идеја на Приштина пругата да оди преку северот на Косово и Србија да нема контрола над железницата.
„Тука успеавме да избегнеме мала замка“, кажа Вучиќ.
Тој истакна и дека членовите на приштинската делегација сакале да потпишат сѐ, само во договорот за економска нормализација да се врати спорната точка 10, која се однесувала на меѓусебното признавање, како и дека најсилно биле против решенијата која се однесувале на Газиводе и таканаречениот мини Шенген.
„Албанците беа најсотро против три нешта. Прво, кажаа дека сѐ ќе потпишат само за да се врати точката 10, на што Авдулах Хоти десет пати инсистираше. Кога успеавме да ја исфрлиме точката 10, тогаш Хоти кажа да, иако имаше забелешки на Газиводе и мини Шенген, сѐ прифаќа, само да остане точката десет“, кажа Вучиќ.
Тој истакна дека Газиводе било клучното нешто околу кое косовската делегација се раскарала меѓу себе.
„Наведено е дека двете страни се сложуваат дека ќе работат заедно со американскиот оддел за енергетика и со други органи на американската влада на физибилити студија која треба да ги подели енергетските ресурси на езерото Газиводе“, кажа Вучиќ за содржината на договорот.
„Тие беа силно против, а ние бевме за, при што не сакавме да го откриваме тоа и едни и другите молчевме – затоа што ние немаме ни киловат струја од Газиводе во овој момент. Вака, во кој опсег и да поделиме, ние само ќе добиеме, затоа тие жестоко се караа меѓу себе“, кажа Вучиќ.
Српскиот претседател истакна и дека голема борба, покрај за точката 10, била водена и околу повикот Израел да го признае Косово.
„Се водеше голема борба меѓу нас и домаќинот, најголема околу точката десет која бараше меѓусебно признавање, но и околу повикот за признавање на Косово од страна на Израел. Сметавме дека ние не можеме да го повикаме Израел да го признае Косово, бидејќи тоа ја руши нашата политика“, објасни тој.
Укажа дека Србија, во врска со Израел, не учествува во тоа што го потпишале Американците и Албанците.
Пренесе и дека е договорен мораториум на барањето на Приштина за членство во меѓународните организации и кампањата на отпризнавање која ја водеше Белград.
Истакна дека Приштина била против мораториумот, бидејќи тоа ќе предизвикало криза на нивната влада.
Српскиот претседател кажа дека Американците преку билатерални договори и со Србија и со Косово се обврзале дека ќе го гарантираат спроведувањето на судските одлуки кои се однесуваат на Српската православна црква и дека ќе ја гарантираат безбедноста на верските објекти, српските свештеници и српските верници.
Повтори дека српската делегација има важни еконоомски разговори зад себе и дека сега следат тешките разговори во Брисел.
Најави дека во Брисел на дневниот ред ќе се најдат економски теми, но и Заедницата на српски општини. „Право од тука одиме во Брисел, не одиме дома“, истакна Вучиќ.