ноември 26, 2020

Изгоре автобус на автопатот Скопје – Штип, нема жртви

Немало патници во автобусот кој денеска изгоре во близина на светиниколското село Алакинци, на автопатот Скопје – Штип. Возачот успеал на време да излезе од возилото и не е повреден. Ова за Сител го потврдуваат од МВР.

Пожарот се случил околу 13:10 минути. Започнал од моторот, а набрзо ги зафатил и предните гуми. Од Територијалната противпожарна единица од Свети Николе за Сител велат дека на терен излегле едно возило со тројца пожарникари, а потоа на помош било испратено уште едно возило со тројца пожарникари.

-Во 13:11 часот добивме дојава за запален автобус на правецот Скопје – Свети Николе кај месноста Крушица, во светиниколскиот реон. На лице место е испратена екипа од едно возило и тројца пожарникари кои побараа помош од уште едно возило и тројца пожарникари каде што е запален моторот на автобусот и се зафатени гумите. Со автобусот возел сам и потоа застанал. Зафатена е мала површина од сува трева и нискостеблеста шума. Автобусот и шумата се ставени под контрола. Во моментот уште се работи на лице место, вели за Сител командирот на ТППЕ Свети Николе, Кирил Колев.

Според последните информации од терен автобусот се запалил во движење и е во сопственост на штипската компанија Кит го.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •