октомври 31, 2020

Нов кредитен мораториум само за оние кои изгубиле работа, платата им се намалила за над 10% и имале болнички трошоци

Од НЛБ Банка најавија дека клиентите ќе добијат индивидуална понуда која ќе можат да ја прифатат преку веб-страницата на Банката во рок од 10 дена, а оние кои нема да добијат понуда, а сметаат дека исполнуваат некој од наведените критериуми, ќе можат самостојно да аплицираат и да поднесат барање за одложено плаќање преку веб-страницата на Банката, со приложување на соодветен документ како доказ за исполнување на некој од критериумите.

Дел од банките на своите веб-страници веќе објавија на кој начин граѓаните ќе го искористат дополнителен рок од шест месеци во кој нема да ги плаќаат кредитите. Нивните клиенти сега имаат 10  дена да се изјаснат дали сакаат да продолжат со неплаќањето или не.

Повеќето банки, пак, на своите сајтови ги дадоа главните информации за тоа кои граѓани како можат да се ослободат од кредитните рати до март наредната година и најавија дека во најскоро време ќе објават детали и за тоа како ќе се реализира тоа. Дури по таа објава ќе почнат да течат десетте дена за изјаснување на нивните клиенти.

Оние кои веќе дефинираа на кој начин ќе им помогнат на граѓаните кои имаат долг кон нив, за потрошувачките станбените и хипотекарните кредити главно нудат грејс-период на отплата на месечните ануитети (главнина и камата) од шест месеци и пролонгирање на рокот на важност на договорот, соодветно на одобрениот грејс-период. Грејс-период од шест месеци даваат и за кредитните картички, со наплата само на камата. Некои банки нудат и подложување на рокот на кредитните картички за 12 месеци кои истекуваат во грејс-периодот, а на исто толку време го продолжуваат и рокот за користење на дозволените пречекорувања. Се очекува слични понуди деновиве да дојдат и од другите банки, со оглед на тоа што и во претходниот рок понудата на сите беше горе-долу иста.

Од НЛБ Банка најавија дека на својата веб страница ќе објават информација со спецификација на критериумите за користење на можноста за одложено плаќање, како и дополнителни информации за начинот на спроведување.

Оваа банка најавува дека клиентите ќе добијат индивидуална понуда која ќе можат да ја прифатат преку веб-страницата на Банката, во рок од 10 дена од датумот на доставување. Ако понудата не се прифати во тој рок, продолжува редовната отплата.

-Клиентите на кои Банката нема да им достави индивидуална понуда, а сметаат дека исполнуваат некој од наведените критериуми, ќе можат самостојно да аплицираат и да поднесат барање за одложено плаќање преку веб страницата на Банката, со приложување на соодветен документ како доказ за исполнување на некој од критериумите. Притоа Банката ќе пристапи кон разгледување на примените барања и за својата одлука дополнително ќе ги извести клиентите, велат од НЛБ Банка.

Оттаму потсетуваат кои се критериумите за да се добие одложувањето. Се прецизира дека право на одложување на долгот има кредитокорисник и со него поврзаните лица и кокредитобарател на кои во периодот на кризата им престанал работниот однос. Исто така, одложување тие можат да добијат и ако платата им е намалена за најмалку 10 проценти и ако имале високи медицински трошоци поради болест предизвикана од Ковид-19.

Овие услови впрочем ги постави Народната банка која со измена на регулативата завчера одобри кредитниот мораториум да продолжи.

-Можноста за одложување на плаќањето се однесува на сите физички лица, кредитокорисници во НЛБ Банка, кои имаат активни кредити, кредитни картички и/или дозволено пречекорување на трансакциска сметка и кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В, и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност, како и на кредитокорисници во НЛБ Банка кои имаат кредитна изложеност која што е одобрена во период од 1.3.2020 до 24.3.2020 година и се финансиски афектирани од пандемијата на Ковид-19, потенцираат од оваа банка.

Сите граѓани кои веќе користат ослободување од плаќање на ратите, а кои не се вклопуваат во профилот на кредитокорисници кои можат да добијат и втор рок, од 1 октомври ќе почнат редовно да си ги плаќаат кредитите. Притоа, ратите ќе им бидат зголемени за пресметаната камата во периодот на мораториум на отплатата и ќе им бидат распределени до крајот на отплатата на кредитот. Првиот период на мораториум почна на 1 април, а завршува на крајот на овој месец. На почеток ослободување од плаќање на ратите на кредитите побараа дури 70 проценти од кредитокорисниците во државата, за подоцна дел од нив да се повлечат и да продолжат со редовната отплата.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •