декември 1, 2020

Европа не е американска колонија

Во април 1917 година, враќајќи се од егзил за да го преземе кормилото на Руската револуција, Владимир Ленин со траект пристигнал од Шведска до Засниц, мало гратче во североисточна Германија на Балтичкото Море, а потоа со воз до Финската станица во Петроград, кој подоцна стана Ленинград, а денес се нарекува Санкт Петербург. Во тој историски контекст, епизодата со Засниц се покажува како минлива и незначителна. Но, благодарение на несмасните пријатели на Доналд Трамп, овој град е повторно во центарот на вниманието.

Тројца републикански сенатори – Тед Круз, Том Котон и Рон Џонсон – се закануваат дека ќе воведат строги санкции за Засниц, неговите избрани функционери и жителите кои живеат во пристаништето на градот. За среќа, изгледа дека овие три марионети на Трамп не знаат за улогата што ја имал Засниц во подемот на болшевичкиот лидер кон власта во Русија. Нивните тврдења се однесуваат на современите односи меѓу Европа и Русија и гасоводот „Северен поток 2“, чијашто изградба е речиси завршена.

Во своето исклучително арогантно писмо, објавено во август, сенаторите велат дека гасоводот „Северен поток 2“, кој ќе пренесува руски гас во Европа преку Германија, претставува „сериозна закана“ за безбедноста на САД. Доколку градот Засниц не престане да учествува во проектот, ќе се соочи со „разорни правни и економски санкции“ што може да се покажат „фатални“ за економијата во регионот. Компаниите, акционерите и вработените во Засниц ќе бидат погодени со замрзнување на нивните сметки и ќе бидат воведени забрани за издавање виза, слични на оние што се упатуваат на Северна Кореја и Иран.

САД долго време се спротивставуваат на изградбата на „Северен поток 2“, тврдејќи дека гасоводот ќе ја зголеми зависноста на Европа од Русија. Берлин одамна ги отфрли овие изјави, инсистирајќи на тоа дека само Германија може да ја определува својата национална политика во соработка со Европската унија. Сепак, интервенцијата на Круз и неговите арогантни пријатели го претвори прашањето во уште една голема конфронтација меѓу САД и Европа.

Реакцијата внатре и надвор од Засниц беше предвидливо бурна. Американците веднаш беа обвинети дека Германија ја третираат како непријател или колонија, а не како сојузник. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас рече дека однесувањето рефлектира фундаментално „непочитување“ на европските права и суверенитет. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеф Борел изрази „длабока загриженост дека САД сè повеќе користат санкции или закани за воведување санкции врз европските компании и интереси“.

Односите на германската канцеларка Ангела Меркел со Трамп се веќе екстремно студени, резултат на многу навреди од американскиот претседател, како и неговата неодамнешна прилично чудна одлука за намалување на бројот на американски трупи во Германија, што е клучен елемент на одбраната на НАТО против Русија. . Сега, новата кавга може да предизвика нов бран на незадоволство во врска со царинските војни на Трамп, неговото упорно негирање на климатските промени и неговите обиди за поделба на Европската унија, привлекувајќи ги конзервативните источноевропски земји на своја страна.

Зголемената склоност на Америка кон малтретирање и заплашување стари пријатели беше повторно потенцирана во неодамнешниот отворен судир за Иран. Секундарните санкции воведени од Соединетите држави им наштетија на европските компании кои тргуваат со Техеран, но сè уште не ги принудија Германија, Франција и Велика Британија да се откажат од иранскиот нуклеарен договор, потпишан во 2015 година и од кој Трамп се обидува да се ослободи. . Значи, кога САД се обидоа повторно да воведат санкции за Иран во Обединетите нации, наидоа на широк отпор.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео одговори со класична трамповска хистерија. Европа „застана на страната на ајатолахот“, рече тој. Американската амбасадорка во ООН Кели Крафт даде подеднакво агресивни коментари, обвинувајќи ги најверните сојузници на Америка за „приклучување кон терористичката кампања“. Фактот дека иранската политика на Трамп води до спротивни ефекти, туркајќи го Блискиот исток во војна и Иран кон набавка на нуклеарно оружје, се чини дека не е важно..

Ајде сега да помислиме на понижениот Доминик Рааб, британскиот министер за надворешни работи. Минатата недела, Рааб беше во Ерусалим, каде што смело се обиде да го покрене прашањето за моделот на две држави за израелско-палестинскиот конфликт, откако Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидоа да ја испратат темата во заборав. Но, како одговор на неговите напори, Рааб доби јавна шлаканица од Нетанјаху и неговите министри за Иран. Тоа беше грубо и знак на непочитување. За жал, нивното грубо однесување е одраз на намаленото влијание на Велика Британија на меѓународната сцена.

Решението за моделот за две држави е уште една значајна област на несогласување меѓу САД и Европа. Но, полемика се јавува и за други клучни прашања. И покрај нивната желба да ја „спасат“ Европа од Русите (и да го продадат скапиот американски гас во Европа од родната сојузна држава на сенаторот Круз, Тексас), пријателите на Трамп покажаа обесхрабрувачки недостиг на интерес за маките на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој неодамна беше отруен. .

Без разлика дали станува збор за конфликтите во Украина, Сирија, Либија или дури и протестите во Белорусија, Трамп работи напорно за да не го вознемири претседателот Владимир Путин, чиниш е закачен за неговиот поводник. Овие важни прашања имаат директно влијание врз безбедноста, просперитетот и принципите на Европа, но Америка на Трамп ретко покажува солидарност – често спротивното.

Што да се прави? Европските лидери можат да се надеваат дека Џо Бајден ќе победи во ноември. Но, што ако Трамп победи повторно? Европа ќе мора да се соочи со нови санкции, уште еден приказ на себична глупост и грубост. Таа ќе мора да се соочи со втор мандат на претседател на САД, непријателски настроен кон Германија, со презир кон цела Европа и неспособен да ги контролира неговите деструктивни инстинкти. НАТО и трансатлантскиот сојуз може конечно да пропаднат под овој притисок.

Дури и ако може да се избегне сега, можноста за таков кошмар е силен аргумент во прилог на зајакнување на единствениот европски безбедносен систем, неговиот воен и технолошки потенцијал и неговите инструменти за заштита од економска и финансиска уцена во духот на Засниц. Францускиот претседател Емануел Макрон повика на поблиска интеграција во Европската унија, но Меркел и другите лидери засега се претпазливи. Сепак, како што неодамна истакна Софија Беш од Центарот за европски реформи, Европа треба да може да ги заштитува своите геополитички интереси.

Наречете ја стратешка автономија. Или само преживување. Во свет каде поранешните блиски пријатели одеднаш се приклучуваат во редовите на предаторите, меката моќ едноставно не е доволна.

Европа нема да може да стави крај на злосторствата на големите глобални играчи доколку самата не стане таков играч. Европејците мора да се држат заедно. Голема трагедија е што Велика Британија го избра токму овој момент да се оддели.

*Гардијан

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •