октомври 25, 2020

Што не рушите во Охрид, прашува адвокатот на сопственикот на дивоградбата кај Мавровка

Откако утринава јавното претпријатие „Македонија пат“ почна со рушењето на дивоградбата кај „Мавровка“ по налог на Владата, прес-конференција пред објектот одржа сопственикот Мевљудин Алити, кој кажа дека има легално право да си го обнови објектот и дека на суд ќе бара отштета за рушењето. Пред да почне изградбата на спорниот објект, на локацијата имаше кафуле кое изгоре на 1 мај годинава.

На прес-конференцијата, еден од неговите адвокати праша по кој основ премиерот може да ѝ даде помош на Општина Чаир без да биде побарана.

„Во груево време имаше рушење на ‘Космос’ по телефон со бомби. По кој основ премиерот може да даде помош на општината без да биде побарана. Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект си има институции, си има документација, ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Он си има легално право да си го обнови објектот“, кажа адвокатот.

Сопственикот Алити тврди дека не треба да бара одобрение за градба за обнова на објект кој што претходно го легализирал. Кажа и дека му платил на градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради.

„Според законот, за обнова на објект треба само да се достави проект и елаборат. Јас тоа го направив пред да почнам да градам. Нема никакво ограничување со што ќе го обновам објектот кој сум го легализирал. Според проектот, станува збор за објект само со приземје, немаше да кревам втор спрат, тоа ќе беше покривот” рече Алити, покажувајќи ги проектите.

Тој кажа дека досега не излегол во јавноста оти станувало збор за приватна инвестиција. Рече дека тој не го пресекол дрвото пред кафулето и праша зошто уште не е откриено кој му го запалил објектот на 1 мај.

„Ќе тужам, не само пред домашни судови, дури и пред Стразбур”, најави Алити.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •