Се ситнат парите од еврообрзницата во девизните резерви

За 127 милиони евра се намалиле државните девизни резерви за еден месец, покажуваат најновите податоци на Народната банка. На крајот на јули годинава за кога има и последни податоци, официјалните девизни резерви изнесуваат 3,512 милијарди евра. Еден месец претходно салдото на резерви изнесуваше 3,639 милијарди евра.
Ако се анализираат по ставки во јули има намалување на вредноста на резервите во делот девизни резервни средства. Или ако на крајот на јуни тој дел од резервите вредел 3,290 милијарди евра, во јули изнесува 3,137 милијарди евра. На ова конто во јуни впрочем беа инкасирани и парите од еврообврзницата која Македонија ја позајми на меѓународниот финансиски пазар. Тоа тогаш предизвика значаен раст на резервите, но сега нивната вредност се намалува.
Кризата предизвикана со пандемијата на Ковид-19 влијаеше на македонската економија, а го погоди и македонскиот извоз, предизвика и раст на трговскиот дефицит. Последните показатели упатуваат на некои позитивни движења, а надлежните уверуваат дека земјата има и доволно пари. Инаку нивото на резерви е во сигурна зона.
Сепак извесното намалување на резервите значи дека дел од потребите се покриваат и од позајмените пари.
Македонија позајми 700 милиони евра преку еврообврзница. Тоа предизвика на крајот на јуни 2020 година, македонските девизни резерви да се зголемат на 3,6 милијарди евра што беше раст од 560,7 милиони евра споредено со мај. Впрочем средствата добиени врз основа на задолжување или донации од странство, се чуваат на сметки во Народната банка и согласно меѓународните стандарди претставуваат дел од девизните резерви. Како дел од девизните резерви, тие се дополнителна поддршка за одржување на стабилноста во економијата.
На крајот на мај 2020 година пак, официјалните девизни резерви беа 3, 079 милијарди евра и во однос на претходниот месец беа намалени за 80,5 милиони евра.
Девизини резерви
јули 2020 – 3,512 милијарди евра
2019 – 3,263 милијарди евра
2018 – 2,867 милијарди евра
2017 – 2,336 милијарди евра