октомври 21, 2020

Проштална средба на Жбогар со Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар.

– Претседателот Џафери се заблагодари за досегашната соработка со Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и лично на амбасадорот Жбогар за неговиот придонес во процесите кои имаа позитивна пресвртница во евроатланскиот пат на земјата и му посака успех во неговите идни професионални ангажмани. Тој го потенцираше значењето на динамичната соработка со институциите на Европската унија, особено Европската комисија и Европскиот парламент како долгогодишни поддржувачи на нашите интеграциски процеси. Претседателот Џафери го поздрави дијалогот Жан Моне како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог во Собранието и изрази надеж дека Собранието активно ќе ги поддржи преговорите за членство на земјата во Европската унија – соопштија од Собранието.

Амбасадорот Жбогар му го честитал повторниот избор за претседател на Собранието и ја искажал својата благодарност за соработката во изминатите четири години, посветеноста на претседателот Џафери за спроведување на европската агенда, водењето на политичкиот дијалог со сите парламентарни партии и неговата улога како претседател на сите пратеници во Собранието.

Тој изразил надеж дека во следните недели ќе се утврди преговарачката рамка со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината.

– Собранието ќе има улога во оваа нова фаза од процесот и затоа е од исклучителна важност сите политички партии активно да учествуваат во однос на ЕУ прашањата. Она што е од посебен интерес и значење во следниот период е донесувањето на Законот за анти-дискриминација, изборот на членови во Советот за граѓански надзор и обезбедувањето на услови за негово соодветно функционирање – истакна Жбогар.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •