Охрид СОС: Механизација на Нефи Усеини копа песок од крајбрежјето за бетонската база

Механизација во сопственост на охридскиот советник Нефи Усеини копа песок од литоралот, односно крајбрежјето, за потребите на неговата бетонската база, тврдат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, преку објава на нивната Фејсбук страница.
Како што посочуваат од иницијативата, локацијата каде што се копа е во близина на базата. Граѓанинот кој го снимил видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, а како што додаваат од „Охрид СОС“, добил вербални закани. Механизацијата, според иницијативата, немала никакви обележја од фирма.
„До кога Зоран Заев како Претседател на Влада на Република Македонија и Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид ќе го толерираат нивниот коалиционен партнер Демократската унија за интеграции и нивниот локален експонент Усеини, кој моментално е во притвор откако СВР Охрид поднесе кривична пријава против него за кривичните дела ‘насилство’ и ‘неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали’ и со денови беше во бегство? Како може советник во Општина Охрид да биде лице на кое е поднесена кривична пријава за сериозни прекршоци и кое ѝ бегало на правдата и службите на прогонот? Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината?“, прашуваат од граѓанската иницијатива.