октомври 19, 2020

Намален морталитетот, но и помалку склучени бракови во првото полугодие од 2020

Нешто помалку од 400 смртни случаи помалку регистрирал Државниот завод за статистика оваа година во споредба со претходната. Според податоците објавени таму, во првите 6 месеци од годинава во Македонија починале вкупно 10.165 што е намалување во однос на 10.559 колку што починале во истиот период минатата година.

Статистиката покажува дека смртноста во првото полугодие од 2020 година е втора најниска смртност во последните 5 години. 

Најмалку лица починале во 2018 година кога за 6 месеци статистиката регистрирала 10.115 смртни случаи. 

Најголема смртност имало во 2017 година кога за половина година починале вкупно 10.676 лица.

Треба да се регистрира и податокот дека во вториот квартал од оваа година се регистрирани најмногу смртни случаи во последните 5 години, за разлика од првиот квартал кога починале најмал број на луѓе во истиот петгодишен период. 

Загрижува негативниот природен прираст кој е тренд веќе неколку квартали. 

Во периодот од почетокот на април, до крајот на јуни во Македонија се родиле само 4596 деца што е значи дека за три месеци починале 496 лица повеќе од бројот на оние кои се родиле, што значи дека природниот прираст останува негативен .

Уште еден загрижувачки податок е и намалениот број на регистрирани бракови кој според статистика во споредба со истиот период од минатата година се спуштил за дури 66,5%, на што најголемо влијание имаше корона вирусот и забраната за прослава на свадбите поради што веројатно многу младенци решиле да го одложат и чинот на регистрација на брак. Ако во второто тримесечие лани во Македонија биле склучени 3247 бракови, нивната бројка во периодот од почетокот на април до крајот на јуни оваа година се спуштил на само 1147.

Добар податок е што оваа година значително се намалил и бројот на разводи. Од 439 за три месеци лани, годинава паднал на само 181.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •