декември 7, 2022

Таравари: Не сакаме да учествуваме во пазарењата на ДУИ за премиер Албанец

Алијансата на Албанците нема да учествува во пазарењето на ДУИ за премиер Албанец, вели Арбен Таравари во интервју за „Слободен печат“, коментирајќи го повикот на Али Ахмети, албанските партии да се обединат околу оваа идеја.

„Етноцентризмот нема да биде нашата определба, туку доброто на секој граѓанин во оваа држава. За оваа држава да бележи напредок најмалку од сѐ ѝ е потребно да има политичари со тенденција општеството да го делат на ин и аут-групи, „ние“ наспроти „тие“. Ние не сакаме да учествуваме во таков тип пазарења. Она што го направи Ахмети беше повеќе изборен трик, отколку една грандиозна идеја за обединување на Албанците во државата“, вели Таравари.

Тој посочи дека Алијансата за Албанците се уште немала контакт со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ за преговори околу составот на идната влада.

На прашањето дали постои можност во новата Влада да се најдат ДУИ и Алијансата на Албанците, Таравари вели дека тоа е невозможна мисија.

„Нам не ни се одлика валканите политички игри, пресметки и калкулации. Впрочем, со таквото чисто минато и сегашност сакаме да влеземе во идната влада. И по секоја цена ќе се бориме да го задржиме својот интегритет и доследност кон граѓаните. Во таа смисла, невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место. Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации. И пак ќе повторам, нашата цена е да учествуваме во развојот на ова општество, а не во неговото уназадување“, вели Таравари.

Сподели