декември 7, 2022

Приговор

Човек кој никогаш не дипломирал на училиште може да украде од продавница. Но, човек кој посетувал колеџ и дипломирал за адвокат, може да ја украде целата железничка пруга.

Сподели
 
 
 
   
Стефчо Негриески

Многу врева се дигна со отфрлањето на приговорите од страна на Државната Изборна Комисија, од кои најголемиот дел како што и самиот Претседател на ДИК соопшти, се отфрлени заради немање потпис и печат на самите приговори.

Во јавноста и на социјалните мрежи се води жешка дебата во која учествуваат и истакнати правници, многумина од нив и адвокати. Па се потсмеваат на тоа како Апасиев е “голем правник”, а направил почетничка грешка со тоа што поднел непотпишани и неиспечатирани пеиговори?! Па се повикуваат на Законот за општа и управна постапка (ЗОУП). Но дали е баш така или се работи за политички мотивирани напади кон Апасиев од страна на негови колеги?

Имено, изборите не се управна постапка. Да беа тоа, за приговори и тужби ќе важеа роковите од ЗОУП кои се многу подолги. Роковите и постапката за приговарање и тужби за заштита на избирачко право се определени во материјалниот Изборен Законик и тоа во членовите 148 и 149. Тоа што Управниот суд е надлежен за решавање по тужби не значи дека се работи за управна постапка. Во правото важи максимата “дозволено е сè што не е забрането”.

Во случајов нам ни е битен членот 148, во кој е опишана постапката за приговор од страна на подносител на листа. Ако сме правно коректни, и без академска правна наобразба, лесно ќе заклучиме дека Изборниот Законик не дефинирал отфрлање на приговор заради формален недостаток, во случајов потпис или печат.

Затоа, во ваква ситуација, ДИК требаше да побара дополнување на приговорите, а потоа да се впушти во правна расправа и одлучување по истите. Тоа би било правно издржано. Но јасно е дека ДИК е во “цајтнот” и без доволно ресурси да решава по олкав број на приговори во рок од 48 часа. Затоа најлесно е да се одбијат “ад хок” и да се префрли топката во судот.

Така решава македонската администрација. Нека си реши судот. Проблем во Македонија е што и тој не решава, посебно не Управниот Суд.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели