ноември 27, 2022

Автобусите за Охрид возат преполни

Не се запазува одредената пополнетост на автобусите, ниту некој носи маска, а нема ни предупредувања и казнувања за непочитувачите. Граѓани кои деновиве патуваат со меѓуградски превоз се жалат дека патувањата меѓу градовите со автобуси и комбиња се комплетно небезбедни. Меѓуградскиот превоз се организира со протокол кој го донесе Владата и кој уште е на сила, а според кој има строги правила за тоа колку луѓе може да се возат во превозното средство, како да седат и каква заштита да има. 

„ Не се запзаува 50 отсто пополнетост на капацитет на возило иако тоа ми беше потврдено кога го купував билетот. Патниците не носат заштита односно маски, марами и за тоа никој не ги опомена”, се жали патничката М.Е. која патувала од Охрид до Скопје.

Но таа не е единствената што се жали, а вчера на социјалните мрежи патници прашуваа каде можат да пријават непочитување на мерките определени во протоклите кои се однесуваа за јавниот меѓуградски превоз. Надлежните институции креваат раменици и велат дека компаниите треба да се одговорни и да предупредуваат. Се најавуваат и поголеми контроли.

Според правилата, во автобусите за меѓуградски превоз е задолжително носењето на заштитни маски на патниците и возачот. На автобуските станици требаше да се означат точки за патниците со цел воспоставување на ред за чекање со одржување на физичко растојание од 1.5 до 2 метри и одржување на редот од страна на одговорни лица на станицата. 

Во возилото може да има само 50 отсто од капацитетот на патници односно секое второ седиште треба да е празно. На влезните врати треба да има средство за дезинфекција. Се забранува јадење, пиење, грицкање во возилата. По завршување на турата задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. За извршената дезинфекција треба да се води редовна дневна евиденција.

Сподели