декември 7, 2022

Стотици лица се журкаа во ноќни клубови во Струмица и Прилеп, инспекцијата немоќна

И покрај забраната за работа на ноќните клубови, во Струмица два дена по ред се одржуваат забави со гужви, турканици и неконтролиран влез на гости. Забавите се со музика во живо, а настапуваат популарни артисти од земјава. Пазарниот инспекторат во петокот направил контрола и веќе поднел кривична пријава за клубот „Аватар“. Но, и покрај тоа, клубот не престанал со работа туку одржал и втора забава со друг пејач. На вчерашната забава која се случила во период кога во Македонија беа дијагностицирани рекордни 240 лица заболени со коронавирус за едно деноноќие, настапил пејачот Ѓоко Јовиќ.

Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, за „А1он“ вели дека петочната забава ја прекинале после 1 часот и ќе поднесат кривична пријава, а за тоа дали клубот е контролиран и вчера, ќе даде одговор откако ќе провери. Тој додава дека совеста и одговорноста на граѓаните е на ниско ниво.

„Ноќните клубови не смеат да работат. Во тек е подготвувањето на протоколи. Во петокот имавме контрола во „Аватар“-Струмица. Забавата беше прекината после 1 часот и изготвен е записник, следи кривична пријава, а од судот зависи понатамошната постапка. За синоќа немам информација, инспекторите кои беа на терен, работеа до доцна во вечерта“, вели Пауновски.

Клубот на социјалните мрежи помпезно ги најавувал журките. За петочната журка било побарано од посетителите да ги почитуваат протоколите, иако тие не се донесени. Понатаму, во поканата се наведува дека треба да се држи дистанца и често да се мијат рацете.

Забавите во време на корона-кризата се сè почести во Македонија, а по Струмица таква слика викендов можеше да се забележи и во Прилеп.

Иако забавите се забранети, организаторите на истите за да привлечат посетители ги промовираат на социјалните мрежи.

Прилепскиот клуб „Калипсо“ вчера бил преполн, а забавата како што може да се види од фотографиите и снимките поминала со гужва, турканици, лица без заштитни маски, а не се одржувало ниту социјална дистанца.

Забавата била пријавена во Пазарниот инспекторат, но додека истите пристигнале местото било испразнето, пренесуваат од „А1он“.

„Некој им дојавил дека е пријавено. Во секој град постапуваат инспектори од друг регион, па така додека дојдат инспекторите од Битола, клубот бил испразнет. Истата вечер била пријавена и забавата во Струмица. Може да има музика во одреден локал, која ќе свири од определено место, но правење диско каде што се собираат по 600 луѓе, да играат еден до друг не е дозволено“ – изјавил Пауновски за „А1он“. 

Сподели