ноември 28, 2022

Десет филмски остварувања кои се меѓу најдобрите во 2020

Филмските критичари на Би-би-си (BBC), Николас Барбер и Керин Џејмс ги избраа 10-те најдобри филмови за 2020 година, а меѓу нив се најдоа и: „Da 5 Bloods“, „Лична историја на Дејвид Коперфилд“ (The Personal History of David Copperfield) и „Никогаш ретко, понекогаш секогаш“ (Never Rarely Sometimes Always)

Летото е секогаш добро годишно време за гледање нови филмови, а ова лето особено, кога пандемијата предизвикана од ковид-19 нè принудува и покрај убавото сончево време сепак поголем дел од денот да го поминуваме затворени во своите домови. Од филмските остварувања кои се појавија оваа година ви нудиме неколку предлози со кои можете да поминете една од вашите летни вечери. Филмските критичари на Би-би-си (BBC), Николас Барбер и Керин Џејмс ги избраа 10-те најдобри филмови за 2020 година, а меѓу нив се најдоа и: „Da 5 Bloods“, „Лична историја на Дејвид Коперфилд“ (The Personal History of David Copperfield) и „Никогаш ретко, понекогаш секогаш“ (Never Rarely Sometimes Always).

Da 5 Bloods“

Во филмот „Da 5 Bloods“, четворица афроамерикански ветерани се борат против луѓето и природата кога ќе се вратат во Виетнам, во потрага по остатоците од нивниот мртов водач и златното богатство што тој помогнал да го сокријат. Филмот е во режија на Спајк Ли, а во филмот улогите ги толкуваат Чадвик Босман, Жан Рено, Пол Волтер Хаузер.

„Личната историја на Дејвид Коперфилд“

„Личната историја на Дејвид Коперфилд“ (The Personal History of David Copperfield) е современо прикажување на насловниот лик на Дикенс, додека се движи низ хаотичниот свет за да го пронајде своето место во него.
Оригиналниот Дејвид Коперфилд за прв пат беше објавен во 1850 година и го опишува патот на протагонистот моделиран според Дикенс, а кој покрај  сиромашното детство станува славен автор, благодарение на упорноста и недостатокот на дисциплина. Филмот е во режија на Армандо Јанучи. А ѕвезди се Дев Пател, Тилда Свинтон, Хју Лори, Питер Капалди, Бен Вишов, Пол Вајтхаус, Гвендолин Кристи.

„Никогаш ретко, понекогаш секогаш“

„Никогаш ретко, понекогаш секогаш“ (Never Rarely Sometimes Always) е драма што го следи животот на 17-годишното девојче кое одлучува да ја прекине непланираната бременост. Во малиот град во Пенсилванија абортусот е забранет, но таа сепак одлучува да замине во Њујорк за абортус затоа што таму не е потребна родителска дозвола. Режијата е на Елиза Хитман, а во филмот играат Сидни Фланиган, Талија Рајдер, Теодор Пелерин.

„Лов“

Во хоророт „Лов“ (The Hunt) од режисерот Крег Зобел, 12 странци се будат на една лединка. Тие не знаат ниту каде се, ниту како стигнале таму. И тие не знаат дека се избрани за една многу специфична цел: Лов. Улогите во филмот ги толкуваат: Бети Гилпин, Хилари Свонк, Ајк Баринхолц.

„Бакурау“

„Бакурау“ (Bacurau) е филм во режија на Џулијано Дорнелс и Клебер Мендонк Фило. Во овој филм се мешаат жанри како вестерн, трилер и научна фантастика. Бакурау е измислено име на село на чие чело е корумпираниот градоначалник Тони Џуниор. Наскоро, селскиот учител дознава дека селото е избришано од сите географски карти, дека мобилните телефони во селото не работат и дека се опкружени со необични туристи. Овие се богати американски инвеститори и туристи кои организираат лов на жителите на Бакурау…

Филмските критичари на Би-би-си ги препорачаа и драмата „Асистентот“ (The Assistant), комедијата „Ема“ (Emma), научнофантастичната мистерија „Поголемиот дел од ноќта“ (The Vast of Night), документарецот „Сликарот и крадецот“ (The Painter and the Thief) и крими-драмата „Вистинска историја на бандата Кели“ (True History of The Kelly Gang).

Сподели