ноември 28, 2022

Без самозалажување, да ја погледнеме вистината, таква каква што е

  1. Македонскиот народ, освен некој мал процент, низ вековите е така мисловно насочуван да нема осет за својот народен, колективен интерес. Штом се нема осет за колективниот, народниот интерес, тогаш не постои и јасна цел и смисла што тој ист народ би го придвижувала кон напред, во развој, прогрес, победа, иднина! И затоа македонскиот народ нема колективна сила, и затоа тешко се организира, а лесно се групира, до исчезнување! Исто така, кај македонскиот народ не постои здрав однос кон водството/ лидерството и затоа истиот не ги препознава вистинските лидери и лесно се приклонува кон измамници кои го РАЗОЧАРУВААТ по илјада пати. Тоа разочарување води кон НЕДОВЕРБА, а баш таа недоверба е причината за губењето на осетот за колективен интерес, смисла и цел!
    Во овој крајно суштински историски момент, кога се работи за чист опстанок, најголемиот дел од македонскиот народ е „програмиран“ со горенаведениот самоуништувачки ментален склоп! Ако истиот е плод на НЕДОВЕРБА, тогаш може да се смени со ДОВЕРБА која ќе му ја посведочат вистинските, одважни и мудри македонски синови и ќерки кои ќе се изнедрат како заштитници на народното достоинство, но и на народниот интерес! И такви, слава на Бога, сеуште има!
  2. Заблуда, и тоа голема, е дека Македонија се движи кон граѓанско општество. Да, огромен дел од Македонците, а и од останатите претставници на народите кои живеат со нас, посакуваат „граѓанско општество“, но политичката елита на Албаниците во Р. Македонија, особено оние од поранешната УЧК, а сега „маскираната“ „ДУИ“, посакуваат нешто сосем друго, прикривајќи го тоа како борба за правата на Албанците! Тие го посакуваат истото она за што започнаа и војна, тие посакуваат територии од Македонија кои во догледно време ќе се спојат со териториите од Косово и Метохија кои ќе ја оформат „Голема Албанија“!
    Сите уверувања дека со затварање на Охридскиот рамковен договор ќе се затворат и наци – шовинистичките барања на УЧК/ ДУИ останаа лажни и наивни!
    Сите добронамерни, дури и човечки отстапки и разбирања направени од страна на наивните (а и глупави) македонски политичари стануваа само посилен ветер во едрата на албанскиот наци – шовинизам на УЧК/ ДУИ!
    Ќе се прашате каде е во сето ова „меѓународната заедница“, едноставно, таа е таму каде што и се остварува интересот! Таа има свој интерес, албанското наци – шовинистичко лоби има свој интерес, но каде е во сето тоа интересот на македонскиот народ? Тој не е јасен! Зошто? Па затоа што никој не се бори да го формира, а и мудро и храбро да го застапува! Македонските политичари, во најголем процент, отсаството на конкретен македонски интерес, но и цел, го маскираат со години со НАТО и ЕУ „еуфорија“, и толку! Конкретна полза за македонскиот народ од таа „еуфорија“ нема, но има губење на народно достоинство, капитулација, потценување, осиромашување, албанизација, иселување….
  3. Вистина е дека освен Али Ахмети право на „сон“ имаат и останатите жители на Македонија, па и Македонците! Вековниот, но и сегашниот сон на Македонците е да имаат своја држава во која ТИЕ ЌЕ БИДАТ ДОМАЌИНИ. Да, домаќини, а и добри соседи! Еднакви ЧОВЕКОВИ ПРАВА за сите, но и еднакви ГРАЃАНСКИ ОДГОВОРНОСТИ за сите!
    Зар треба Македонците да дозволат во својот ДОМ да станат потстанари, а потоа и бегалци?! Ова не е само реторичко прашање, туку и реалност во некои делови на Македонија!
    И Македонците имаат „сон“, но тие во својот сон никого не мразат и од никого не сакаат нешто да грабнат, туку сакаат да бидат СВОИ НА СВОЕТО! Таков е македонскиот „сон“, таков и ќе остане, ВО РЕАЛНОСТА!
  4. Секој народ има свои добри и лоши страни! Добрите страни на македонскиот народ е што е мудро трпелив, но лошо е што трпеливоста без мудрост често се претвара во бесчуствителна себична плашлива овчедушност! Но, се се менува! Крајно време е за промена, затоа што ако сега не се смениме – можеби нема да имаме друга шанса!
  5. Сонцето, сеуште силно свети! Затоа, заедно во промена! Заедно кон созревање! Заедно кон дефинирање на колективниот македонски интерес и цел! Заедно кон градење ДОВЕРБА и САМОДОВЕРБА! Заедно кон посигурна благословена иднина за сите!
    Сонцето, сеуште силно свети – И ЌЕ СВЕТИ!

Автор: Презвитер Ивица Тодоров

Сподели