декември 7, 2022

Скандал: Во позадина на нефункционалниот софтвер во ДИК стои постапка за јавна набавка спроведена во 5 до 12

ДИК спровела две постапки за надградба на софтверот кој што го користи од 2006 година, кој цело време бил одржуван од фирмата “I Vote”. Првата постапка била отворена постапка со објавување оглас по критериум за избор “најдобар однос на квалитет – цена”. Избрана била фирмата “Дуна компјутери” и на оваа одлука жалба вложува “I Vote”.

Државната Комисија за жалби по јавни набавки, на 20.05.2020 година носи Решение со кое се уважува жалбата на “I vote” во делот каде жалителот се жали дека другиот понудувач не ги исполнува минималните критериуми за техничка и професионална способност и дека неговата понуда не требала да биде предмет на евалуација, но по службена должност носи и небулозна одлука да ја поништи целосно постапката, наместо да наложи постапката да продолжи со единствениот понудувач кој ги исполнува критериумите.

И сега од тука погодувате. Со оглед дека Решението на Комисијата е донесено на 20.05.2020 година, ДИК запаѓа во “цајтнот”. Реално, за 25 дена нема време ниту да спроведе нова постапка, а камо ли да го надгради софтверот. Па така ДИК решава да оди со постапка со преговарање без објавување оглас веројатно оправдана со крајна итност согласно Законот за јавни набавки.

Ги поканува двете фирми на преговори и повторно како најповолна понуда ја одбира понудата на “Дуна”. На оваа одлука повторно жалба вложува “I Vote”, по истите наводи дека ” Дуна” не ги исполнува бараните референци, по што Комисијата овој пат ја отфрла жалбата како неоснована на ден 08.07.2020 година, на само 4 дена од првиот ден на овие избори. Што може да се надгради на софтвер за 4 дена, посебно ако претходно тој софтвер е изграден од друг, а уште и немате искуство со таа проблематика проценете сами.

Во продолжение ви го пренесуваме денешното фејсбук соопштение на фирмата “I vote”:

Ве известуваме дека на овие избори во ДИК не се користи iVote Demokra системот за управување со изборни процеси и ние не сме воопшто вклучени во процесот. Околу деталите, можете повеќе да прочитате на http://reshenija.dkzjn.gov.mk/Attachments/08-495-7-2020.pdf и http://reshenija.dkzjn.gov.mk/Attachments/08-665-5-2020.pdf

iVote Demokra е систем за управување со изборни процеси, кој се користеше во ДИК од неговото формирање како постојано тело од 2006 до изборите во 2019. Системот придонесе за унапредување на процесот, кој претходно траеше со денови и месеци, со точно, навремено, транспарентно и кредибилно јавно објавување веднаш на податоците за резултати и излезност. iVote Demokra има беспрекорно досие на изработени проекти поврзани со избори со испроцесирани преку 142 милиони гласачи во целиот свет, со референци, покрај ДИК, во САД, Велика Британија, Еквадор, Киргистан, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина.

Сподели