ноември 28, 2022

Сајтот на ДИК сѐ уште неоперативен, рекламата на фирмата што го изработила си стои

Вака денес изгледа веб страната на Државната Изборна Комисија. На неа нема никакви податоци, освен бројките за излезност до 20:30ч. Но на самата веб страна забележавме интересен детал. Имено, во долниот дел стои логото на компанијата “Дуна” а до него тескт “авторски права”, а после него “лиценцирано од Државна изборна Комисија”.

Се поставува прашањето кој ги има авторските права за изработениот софтвер платен со пари на граѓаните, кој според набавката чинел 899.999 денари, или 15 илјади евра. Кога софтверска компанија изработува специфичен софтвер за одреден клиент, најчесто целосните права на софтверот се префрлуваат на нарачателот и софтверската компанија повеќе нема никакви права на изворниот код за тој софтвер. Таа компанија нема никакво право да се рекламира на веб страната на клиентот, оти клиентот е тој што ги има правата.

Според тоа што може да се види на веб страната на ДИК, се заклучува дека Дуна Компјутери сè уште ги поседува авторските права за софтверот за избори, а таа само дала лиценца за користење на Државната Изборна Комисија. Оваа разлика е голема, бидејќи во тој случај Дуна има право да го препродава истиот софтвер, платен од граѓаните на Република Македонија и на други интересенти и на него да заработува дополнителни средства.

Друг интересен момент околу овој софтвер е самата сума. Имено, самата ДИК оценила дека ваков софтверски потфат би чинел 4.500.000 денари или околу 74.000 евра и со таа сума влегла во преговори. Се пријавуваат две компании, iVote, која има долгогодишно искуство во изработка на овој тип софтверски решенија, и Дуна Компјутери, која нема никакво искуство во овој сегмент и изработува книговодствен софтвер. Фирмата iVote оценила дека изработката би чинела 3.870.000 денари или околу 64.000 евра, што според обемот на работа е реална сума. Но, на електронската аукција Дуна Компјутери ја спушта понудата на само 15.000 евра и оваа понуда е прифатена од страна на ДИК. Бирото за Јавни Набавки дава свое мислење дека нема оправданост оваа постапка да се изведе на овој начин, без оглас, туку со директно преговарање, но и покрај тоа, ДИК склучува договор со најповолниот понудувач.

Државната комисија за жалби за јавни набавки, ја усвојува жалбата на компанијата iVote и носи решение со кое го поништува договорот на ДИК. Со ова, фактички сегашниот софтвер е невалиден.

Сето ова фрла голем сомнеж што навистина се случува во ДИК. На вчерашната јавна седница, ДИК објави дека почна да тече рокот за жалби од 48 часа, но како некој може да се жали кога ДИК не е во состојба јавно да ги објави податоците за да може да се формулира жалба.

До каде се отидени манипулациите со хакерскиот упад во самата мрежа на ДИК исто така е нејасно, а тоа фрла сомнеж врз веродостојноста на бројките од предвремените парламентарни избори.

Сподели