ноември 28, 2022

Намалена побарувачка на нови автомобили во ЕУ

Во јуни, во ЕУ се регистрирани 22,3 проценти помалку нови автомобили отколку во истиот месец лани. Иако салоните за автомобили се отворија, побарувачката не е целосно обновена.

Побарувачката за нови автомобили во ЕУ нагло опадна во првата половина од годинава поради пандемијата на вирусот корона, а меѓу земјите со најголем пад се Хрватска, Шпанија и Италија, се вели во извештајот на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). Побарувачката за нови автомобили во ЕУ паѓа од март, кога беа воведени строги мерки за спречување на ширењето на вирусот корона.

Граѓаните се ограничени во нивното движење, а многу компании се затворени, вклучувајќи ги и салоните за автомобили.

Најголем пад, за 76,3 проценти, е забележан во април, кога беа во сила рестриктивни мерки од првиот до последниот ден. Олеснувањето на мерките во мај го забави трендот на намалување, па во текот на тој месец побарувачката се намали за 52,3 проценти. Во јуни се регистрирани вкупно 949.722 нови автомобили во 26 земји на ЕУ (со исклучок на Малта за кои податоците не беа достапни), за 22,3 проценти помалку отколку во истиот месец минатата година, според податоците на ACEA. Иако салоните за автомобили се отворија, побарувачката не е целосно обновена минатиот месец, според ACEA.

Двоцифрен пад на побарувачката

Франција е единствената земја во ЕУ каде побарувачката се зголеми, за 1,2 проценти, благодарение на стимулациите на новата влада за купување автомобили со ниска емисија на гасови, воведени во почетокот на јуни. Сите водечки европски пазари забележаа двоцифрен пад на побарувачката, тонејќи за третина во Шпанија и Германија и скоро една четвртина во Италија. Според податоците на АЦЕА, во јуни биле регистрирани 4,168 нови автомобили во Хрватска, скоро половина помалку од истиот месец минатата година.

Сподели