ноември 26, 2022

Градот Струга систематски ја краде државата, а парите завршуваат во нечиј џеб

Познато собиралиште за стружани и туристите кои ја посетуваат Струга е местото „Галеб“, кое се наоѓа помеѓу двете градски плажи. Непосредно до овој парк се наоѓа еден од паркинзите со кој стопанисува градот Струга. Паркингот располага со капацитет од некои 40 паркинг места. Цената за паркинг е прифатлива, и изнесува 50 денари.

Но, многу често, посебно во летниот период, на овој паркинг за наплата се поставени лица од самата општина, иако паркингот располага со автоматски рампи за влез и излез, кои никогаш не работат. Овие лица кои вршат наплата, многу често, наместо да користат фискални каси, кои се исклучок во работењето, парите ги собираат делејќи некакви испечатени ливчиња.

Според позитивните законски акти за секое извршено плаќање, наплатувачот е должен да ви издаде фискална сметка на која е испечатен процентот и сумата на платен данок кон државата, како и нето услугата. Кога ќе побарате фискална сметка, тогаш вработените од општината се закануваат со зборовите „ќа видиш кој су ја“, и продолжуваат со заканите дека ќе повикаат пајак кој ќе го отстрани вашето возило. На прашањето дали знаат дека прават кривично дело и е незаконски да не се издаваат фискални сметки, одговараат „така ми рекоја од опшчина, ми ги дадоја ливчињава“ и тврдат дека никој ништо не им може.

Ако направиме едноставна претпоставена математика дека во текот на денот тука паркираат околу 300 возила, тоа се вкупно 15.000 денари, за кои данокот изнесува 2.400 ден. Ако оваа практика се случува 20 дена, тогаш во еден месец некој на црно од само еден паркинг заработува 300.000 денари или 5.000 евра и крие данок од државата во вредност од 48.000 денари. Каде одат овие пари, никој не знае. Колку е вкупната сума во текот на целата година може само да претпоставуваме, како и дали истото се случува и со други паркинг места со кои стопанисува општина Струга. Но простата логика ни кажува дека се работи за огромни суми од илјадници евра.

Очигледно е дека надлежните служби воопшто не се заинтересирани да го санкционираат ова криминално дејание, бидејќи истото се повторува секоја година и никој ништо не презема.

Доколку ја забележите оваа шема на измама, тогаш пријавете до надлежните институции и управата за јавни приходи на бројот 198.

Сподели