ноември 28, 2022

Втора егзекуција на осуденик во САД во една седмица

Втора смртна казна беше извршена на сојузно ниво во САД во четвртокот, по пауза од 17 години, а осуденикот кој, според адвокатите, бил дементен, бил усмртен со смртоносна инекција.

Весли Ира Перки е егзекутиран во сојузниот затвор во Тере Хаут, Индијана, каде смртната казна беше извршена и на осудениот Даниел Луис Ли во вторникот, 11 часа откако таа првично беше спречена.

Перки беше осуден за киднапирање и убиство на 16-годишната Џенифер Лонг, чие тело го распарчи и запали. Перки беше осуден и во друг случај на доживотен затвор за претепување до смрт на 80-годишната Мери Рут Балес.

„Жали за болката и страдањето“

Пред егзекуцијата, Перки рече дека „длабоко жали за болката и страдањето што му го нанесе на семејството Лонг и длабоко жали за болката што и ја нанесе на својата ќерка“. Неговите последни зборови беа: „Ова стерилно убиство навистина нема цел. Благодарам“.

На егзекуцијата присуствуваше таткото на жртвата на Перки, Вилијам Лонг, кој рече дека „се надева дека Перки ќе изгние во пекол“. Егзекуцијата на Перки првично беше спречена со одлука на окружниот судија во Вашингтон, но Врховниот суд, како и во случајот со Луис Ли, пресуди со конзервативно мнозинство дека затворските власти би можеле да го извршат. Министерството за правда се најде под оган за својата одлука да изврши егзекуција во време на пандемија на вирусот корона, а критичарите велат дека тоа е „опасен политички потег“ во изборната година.

Сподели