декември 7, 2022

АД ГЕС ништо не работи а исплаќа плати

АД Градски енергетски системи, претпријатието формирано од Град Скопје и со поддршка од Владата, две години по ред работи без никакви приходи, но дели плати за своите вработени, иако во моментов е неизвесно дали ќе ја добие лиценцата од Регулаторна комисија за енергетика за да ги загрева преку градската мрежа домаќинствата во Карпош, Центар, Кисела Вода, Чаир, Аеродром, Бутел и Гази Баба.

Во моментов градското претпријатие има најголеми трошоци за вработените. Во 2019 биле исплатени бруто-плати од 9,78 милиони денари или околу 160 илјади евра за 13 вработени, од кои осум машински инженери меѓу кои и пет магистри.Во 2018 трошоците за вработените биле многу помали, бидејќи акционерското друштво беше во самиот почеток на формирање и тогаш за таа намена биле дадени 2 милиони денари. Тоа значи дека до сега се дадени 12 милиони денари или околу 200 илјади евра за плати иако неизвесно е кога и дали АД ГЕС-Скопје во блиска иднина ќе започне да работи.

Вкупните трошоци за работењето во 2019 биле 13 милиони денари. Претпријатието  за закупнина исплатило за минатата година 1 милион денари, за услуги 1,5 милиони, за Управниот одбор 1,08 милион денари. Вкупните бруто примања на четирите членови на Управниот одбор кои се вработени изнесуваат 4,732,824 денари или околу 75 илјади евра

Постапката за добивање лиценца е прекината од РКЕ, а АД ГЕС поднесе тужба пред Управниот суд. Неизвесно е дали ќе стане лиценциран дистрибутер, затоа што според последното образложение кое го истакна регулаторната комисија е големиот финансиски ризик за државата. Доколку „Балкан Енерџи Груп“ одлучи да тужи за предвремено одземање на лиценцата, тоа би значело дека арбитражата може да донесе одлука за висока сума за обештетување. Лиценцата која ја доби БЕГ во 2012 важи до 2023.

АД ГЕС е формиран во јуни 2018, а лани објави емисија на акции во износ од 30 милиони денари и започна постапка за обезбедување на кредит во висина од 60 милиони денари.

Од таму велат дека ако ја добијат лиценцата за дистрибуција и станат единствен лиценциран дистрибутер, ќе обезбедат иста цена за сите потрошувачи по категории без разлика на тоа во која општина или населба живеат.

Со поврзување на трите топлификациони мрежи, кои во моментов се одвоени, ќе се создаде дополнително намалување на цената за парно-греење, најавуваат од АД ГЕС.

Сподели