декември 8, 2022

Проектили од огнено оружје завршиле во градинка, семеен дом и автомобил

Славеничките пукања што се слушаа вчера низ Скопје опасни за граѓаните. Проектили од огнено оружје синоќа завршиле во градинка, семеен дом и автомобил.

Синоќа околу 22 часот во СВР Скопје било пријавено дека во градинка на ул.„Коста Новаковиќ“ во скопската населба Аеродром, додека членовите го пребројувале гласачкиот материјал слушнале пукање, а проектил завршил во градинката.

Проектилот поточно завршил на гласачкото место бр.2687, каде биле присутни претседателот и седум членови на Изборната комисија. Повредени лица нема, а оштетен е ѕидот низ кој поминал проектилот.

Истиот момент во полициската станица Центар, скопјанец пријавил дека додека седел со неговиот малолетен син во една од собите од семејната куќа на ул.„Мирослав Крлежа“ се слушнало пукање од огнено оружје, а проектилот го пробил покривот и паднал на паркетот во нивна близина. За среќа повредени нема.

Исто така околу 22.20 часот во Полициското одделение Сарај, жител на Сарај пријавил дека на ул.„10“, на неговото паркирано патничко возило „фолксваген пасат“, му било оштетено задното ветробранско стакло од проектил од огнено оружје.

Во СВР Скопје исто така биле пријавени и пукотниците што се слушаа додека славеа ДУИ на плоштадот Скендербег. Полицајците евидентирале дека во периодот од 21.15 до 23.00 часот од неколку правци се слушнале повеќе рафали од огнено оружје, но за ова нема приведено ниту едно лице.

Сподели